Маалски фестивал 5.0 на 11, 12 и 13 јуни 2026 година во КСП Центар – Јадро и во Паркот на Франкофонија

Макфакс

08/06/2026

12:30

133

Големина на фонт

а а а

Јубилејното петто издание на Маалски фестивал 5.0 ќе се одржи во јуни 2026 година во КСП Центар – Јадро и во Паркот на Франкофонија, со богата програма која опфаќа работилници, изложби, филмски проекции, музика и маалски базар, создавајќи простор за заедничка култура и дружба.

Јубилејното петто издание на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ 5.0, ќе се одржи на 11, 12 и 13 јуни 2026 година во КСП Центар – Јадро и во Паркот на Франкофонија.

Оваа година топлиот бран ни го носи МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ во летно издание, вели организаторот. Во текот на трите фестивалски дена посетителите ги очекуваат добро познати маалски програми и лица од претходните изданија, но и нови содржини што ќе го одбележат јубилејот: работилници, изложби, уметност во јавен простор, филм, музика, базар и многу простор за средби и маалска дружба.

„Како и секогаш, фестивалот останува верен на својата мисија да создава простор за колективно обликување на културата, заедничко учење, меѓугенерациска размена, грижа и забава. Ова лето повторно ве повикуваме да ги запоседнеме маалските простори и да ги исполниме со приказни, звуци, слики и нови заеднички спомени.

Програмата започнува уште на 10 и 11 јуни, од 17:00 до 19:00 часот, со работилницата за креативно пишување „Маалска архива“ во Паркот на Франкофонија. Под водство на Марија Бошковска, учесниците ќе читаат, ќе шетаат, ќе набљудуваат и ќе собираат траги од маалото, од кои ќе создадат фиктивни маалски хроничари и заедничка архива на невидливите истории, комшиските муабети, заборавените простори и сите наши големи и мали соседи.

Во петок, 12 јуни, Паркот на Франкофонија ќе стане простор за заедничко создавање. Од 15:00 часот започнува „Работилница за изработка за све и свашта во маало“ со Никола Писарев, која продолжува и во сабота, од 11:00 до 18:00 часот. Оваа година заеднички ќе изработуваме, дизајнираме и осликуваме куќички за улични кучиња. Куќичките ќе бидат наменети за маалски кучиња за кои соседите веќе се грижат и ги прифатиле како дел од заедницата. Со оваа мала, но важна акција сакаме да потсетиме дека маалото не го прават само улиците и зградите, туку и односите, солидарноста и грижата за сите живи суштества што го делат просторот со нас.

Истиот ден, од 17:00 до 19:00 часот, со Доротеј Нешовски и Ана Трајковска ќе ја откриваме „Тајната ботаничка градина на нашето маало“. На оваа работилница за родители и деца над седум години, паркот ќе се претвори во мала графичка лабораторија на отворено. Учесниците ќе ги истражуваат формите, линиите и текстурите на растенијата и ќе ги претворат во ботанички графики, кои на крајот ќе станат дел од заедничка изложба меѓу дрвјата.

Петочната вечер ја резервираме за фотографијата и уметноста во јавен простор. Во 20:00 часот, во КСП Центар – Јадро, ќе биде отворена изложбата „Пркосните 12“,изложба завршница на тримесечниот инклузивен курс за фотографија на организацијата ПРКОС, под менторство на Драги Неделчевски“. Изложбата содржи 30 портрети создадени од дванаесетте учесници, кои преку фотографијата изградија простор за комуникација, меѓусебно разбирање и креативно изразување. Изложбата ќе биде отворена до 19 јуни.

Во рамки на програмата „Маалски МУРАЛ“, публиката ќе има можност да го види и новиот мурал на Дејвид Стоилковски. Како автор на повеќе од 80 мурали во Македонија и во странство, Стоилковски создава дела што живеат со околината и секојдневно комуницираат со минувачите, отворајќи простор за нови дијалози надвор од класичните галериски ѕидови.

Главниот фестивалски ден е сабота, 13 јуни, кога Паркот на Франкофонија ќе биде исполнет со програма од пладне до доцна навечер. Од 12:00 до 18:00 часот ќе се одржи омилениот Маалски базар на артизани и мал саем на книги, каде посетителите ќе можат да откријат рачно изработени предмети, дизајни и внимателно избрани книжевни изданија.

Во паркот ќе биде поставена и инсталацијата „Впивачки тела“ на Зорица Зафировска. Изработени од ленена ткаенина што впива земја, дожд, вода од Вардар, прашина, пепел и индустриски траги, делата стануваат материјални сведоци и архивари на градот.

За актерите од 15:00 до 19:00 часот ќе се одржи практичната работилница Self Tape & Casting Process со Наталија Теодосиева и Тамара Ристоска. Преку работа на конкретни сцени за аудиција, учесниците ќе поминат низ подготовка на лик, анализа на текст, снимање self tape и запознавање со динамиката на современите кастинг процеси. Фокусот ќе биде ставен на природниот однос со камерата, ослободувањето од трема и развивањето сигурност во сопствениот актерски израз.

На МААЛСКИ никогаш не недостасуваат музика и креативност. Затоа Владимир Лукаш и Љубиша Камењаров повторно ќе ја водат Работилницата за изработка на чуднозвучни инструменти. Првиот дел ќе се одржи на 12 јуни, од 11:00 до 16:00 часот, а финалната работилница и подготовките на 13 јуни, од 16:00 до 18:00 часот. Во 18:00 часот, инструментите создадени од необични и секојдневни предмети ќе оживеат на концертот на оркестарот „Чуднозвучни инструменти“.

Во Монтажната галерија, од 13 до 17 јуни, ќе биде поставена изложбата „АРХИВ НА ТРАГИ“ на Аммар Качар. Составена од фрагменти од реупотребена камионска тенда, поставката ги спојува погледите кон скопските згради, облаците, движењата и секојдневието во нов пејзаж што се движи меѓу реалноста и имагинацијата.

Во рамки на изложбата, на 13 јуни од 17:00 до 18:00 часот, ќе се одржи и отворената работилница за колективно везење ENDLESS CIRCULATION BETWEEN DREAM AND SURVIVAL. За работилницата ме е потребно претходно искуство, сите се поканети да дојдат, да седнат и да остават еден бод.

Секако, не го заборавивме ниту филмското катче. Во соработка со Македокс, во 19:30 часот во Паркот на Франкофонија ќе биде прикажан документарниот филм „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар. Филмот ги следи тројцата браќа Зекир, Зариф и Зани, кои поминуваат неколку месеци во македонските планини, грижејќи се за семејното стадо и соочувајќи се со прашањата за традицијата, созревањето и сопствената иднина.

Јубилејното петто издание ќе го заокружиме со концертот на ИСКРА, во 22:00 часот во Паркот на Франкофонија. Создаден во Скопје во 2019 година, бендот гради сопствен футуристички музички универзум во кој synthwave, електронската музика, металот и впечатливите визуелни елементи се спојуваат во моќно аудио-визуелно искуство. По цел ден исполнет со програма, концертот на ИСКРА ќе биде црешата на шлагот на едно издание посветено на маалото, заедницата и заедничкото славење на културата.

МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ 5.0 ќе се одржи на 11, 12 и 13 јуни 2026 година во КСП Центар – Јадро и во Паркот на Франкофонија. Дел од работилниците имаат ограничен број учесници и бараат претходна пријава.