Јакимовски: Лукровски требаше да се јави на работа на 30 мај, Инспекторатот да му го провери боледувањето

Макфакс

07/06/2026

16:03

216

Големина на фонт

а а а

Стевчо Јакимовски упати критики кон градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, за неговото боледување и отсуство од работа со повик до Државниот инспекторат за труд да го провери легитимитетот на боледувањето.

Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски денес се прошета пред Општината и сними видео за социјалните мрежи во кое направи пресметка за боледувањето на актуелниот градоначалник Сотир Лукровски. Тој го повика Државниот инспекторат за труд да го провери боледувањето.

„Градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски по користење на лажното боледување имаше обврска да се јави на работа на 30-ти Мај. До денес тој не е појавен на своето работно место. Законот за работни односи член 82 е јасен и вели ’ако работникот отсуствува од работа три последователни дена и не го оправда своето отсуство му следува отказ без отказен рок’. Лукровски може да отсуствува од работа доколку е на службен пат, годишен одмор или доколку е на боледување. Тој ниту е на службен пат, не е на годишен одмор ниту пак докторите повеќе сакаат да му дадат боледување. Значи со никаков документ не го оправдал своето отсуство од работа“ рече поранешниот градоначалник Јакимовски

Тој направи забелешка дека Законот за работни односи, член 82, важи за 500.000 вработени во оваа држава, но не се применува за Лукровски.

„За Сотир Лукровски не важи овој туку законот на премиерот Мицковски кој вели дека градоначалникот на Карпош после боледувањето требал да се одмори од лежење. Бараме државниот инспекторат за труд да дојде и да констатира победа на граѓаните на општина Карпош врз безаконието на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“, вели Јакимовски.

Ваквото однесување Јакимовски смета дека е потценување за сите граѓани и „флагрантна навреда на интелигенцијата и достоинството на карпошани од нивниот сограѓанин – Мицкоски“.

На почетокот на минатиот месец актуелниот градоначалник на Карпош Лукровски замина на боледување и го назначи за свој заменик советникот Неделчо Крстевски.