Во време кога автомобилите сè побрзо добиваат нови генерации, а електрониката презема сè поважна улога, едно старо прашање повторно станува актуелно: Кои модели можат да издржат најмногу километри?
Американската платформа „iSeeCars“ анализирала повеќе од 400 милиони реални податоци за возила со цел да открие кои автомобили најчесто ја надминуваат границата од 250.000 милји, односно околу 400.000 километри.
Резултатите се прилично јасни – на врвот се моделите кои се потпираат на проверена технологија, поедноставна конструкција и робусност, наместо на постојани експерименти.
„Toyota“ убедливо доминира
Првото место му припадна на „Toyota Tundra“. Според истражувањето, дури 36,6 проценти од анализираните примероци на овој пикап ја надминале границата од 400.000 километри.
„Tundra“ е особено популарна во САД, каде што често ја користат занаетчии, компании и возачи на кои автомобилот не им е статусен симбол, туку алатка за секојдневна работа. Токму во такви услови најдобро се гледа колку едно возило е издржливо.

На второто место се најде „Toyota Sequoia“, голем СУВ модел технички тесно поврзан со „Tundra“. И тој се покажал како автомобил кој многу често достигнува исклучително висока километража, потврдувајќи дека големите и комфорни СУВ возила можат да бидат долговечни доколку се изградени врз цврсти и проверени основи.
Третото место му припадна на „Toyota 4Runner“, класичен СУВ модел кој со години се развива без големи и ризични промени. Ваквиот поконзервативен пристап очигледно се исплател. „4Runner“ е познат по својата издржливост, особено кај возачите кои го користат на тешки терени и во предизвикувачки услови.

И „Honda“ се проби меѓу најдобрите
Четвртото место го освои „Honda Ridgeline“, пикап модел кој не е особено познат во Европа, но во САД има репутација на исклучително сигурно и практично возило.
„Ridgeline“ покажува дека долговечноста не е резервирана само за грубите теренски модели. И автомобил кој повеќе акцент става на удобноста и секојдневната практичност може да достигне многу висока километража доколку користи проверена и зрела технологија.

Заклучокот е едноставен
Заклучокот од истражувањето е јасен: автомобилите кои најчесто надминуваат 400.000 километри не се нужно најмодерните или најатрактивните, туку оние што избегнуваат непотребна сложеност и се потпираат на докажано добри технички решенија.
„Toyota“ и „Honda“ особено се издвојуваат како производители кои долгорочната издржливост и понатаму ја сфаќаат многу сериозно.







