Алиу: Првото психолошко советувалиште за деца и адолесценти отвора нов пристап кон менталното здравје

Макфакс

06/06/2026

15:00

131

Големина на фонт

а а а

Во Скопје е отворено првото психолошко советувалиште за деца и адолесценти кое ќе обезбеди нов пристап кон менталното здравје преку систем што препознава, поддржува и интервенира навреме. Воедно, Институтот за јавно здравје го зајакна својот капацитет со нова опрема за микробиолошките лаборатории што ќе ја подобри дијагностиката и подготвеноста за здравствени предизвици.

Отворање на првото психолошко советувалиште во Скопје

Првото психолошко советувалиште за деца и адолесценти денес беше отворено во Институтот за јавно здравје во Скопје, во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за здравство, Алиријан Алиу и директорката на Институтот, Марија Андоновска.

Советувалиштето од понеделник ќе биде во функција, а услугата ќе биде достапна и преку системот „Мој Термин“.
„Од денес започнуваме со нов пристап кон менталното здравје на децата и адолесцентите. Менталното здравје не смее да биде тема што се стигматизира или остава за подоцна. Нашата обврска е да создадеме систем што препознава, поддржува и интервенира навреме, особено кога станува збор за деца и адолесценти“, истакна министерот Алиу.

Истовремено, во Институтот за јавно здравје беа претставени и новите капацитети на микробиолошките лаборатории, со нова опрема во вредност од 15 милиони денари, како и со ставање во функција на дополнителна опрема во вредност од околу 11 милиони денари, која со години не била користена.

Според министерот Алиу, ова претставува зајакнување на јавно-здравствениот систем, бидејќи овозможува поголем лабораториски капацитет, посовремена дијагностика и подобра подготвеност за одговор на здравствени предизвици.