Гејџи со брутална порака до Топурија: „Тој мисли дека е Бог, а всушност е само здодевен кретен. Ќе го фрлам на колена и ќе му одржам лекција“

Точка

05/06/2026

20:46

521

Големина на фонт

а а а

Џастин Гејџи е уверен дека може да приреди големо изненадување против актуелниот УФЦ шампион во лесна категорија, Илија Топурија на историскиот настан „UFC Freedom 250“, кој ќе се одржи на 14 јуни на јужниот тревник на Белата куќа во Вашингтон.

Приликата да го нападне „Ел Матадор“ американскиот борец ја заработи уште кога кон крајот на јануари годинава го совлада Педи Пимблет со едногласна судиска одлука и така по вторпат стана привремен шампион, но и ја „завери“ својата влезница за претстојната главна борба на вечерта пред Белата куќа.

„Хајлајт“ сега сака да биде првиот човек што ќе го порази шпанско-грузискиот борец и како последица на тоа, да му ја одземе титулата неприкосновен шампион.


„Сакам да бидам аутсајдер. Сакам кога ме отпишуваат. Сакам кога мојот противник мисли дека е некаков Бог или крал, бидејќи можам да го фрлам на колена и да му покажам дека е само човек како и сите ние. Топурија досега беше успешен и добро се снаоѓаше, но сличен е на Конор Мекгрегор. Ме потсетува на тоа како Мекгрегор им пристапуваше на работите. Се правиш себеси непобедлив и непогрешлив, а потоа кога ќе изгубиш, што понатаму? Едвај чекам да му ја одржам таа лекција“, изјави Гејџи за „TMZ Sports“, па продолжи:

„Типот мисли дека е Бог, но всушност е само здодевен кретен. Не можам да замислам да бидам со него во соба 30 минути и да го слушам како зборува за себе. Но, засега тоа добро му оди. Луѓето го слушаат како зборува и му веруваат, бидејќи и тој самиот верува во тоа. Слично беше и со Педи Пимблет. Беше многу арогантен и мислеше дека е подобар од сите други, а таквиот пристап може да биде многу штетен“.

Дали Гејџи на крајот навистина ќе успее да го шокира Топурија, но и целиот ММА-свет, или „Ел Матадор“ сепак ќе ја продолжи својата доминација ќе дознаеме за само девет дена.