Столе Димитриевски бранеше во страшна форма во вториот дел од сезоната и Валенсија како клуб состави компилација од неговите најдобри одбрани во изминатите пет месеци, сето тоа откако Македонецот стави потпис на нов договор.
Како награда за нивото кое го прикажа од месец јануари наваму, македонскиот чувар на мрежата доби нов двегодишен договор со подобри услови и заработи бонус од 500 илјади евра, но што е поважно, во овој период ја придоби љубовта и почитта од фановите на Валенсија.
Македонскиот репрезентативец покажа дека е достоен да го брани голот на Валенсија и сосема заслужено доби награда по крајот на сезоната, а во ексклузивното интервју кое го направи по потпишаниот договор до 2028-ма година, и самиот си ја избра одбраната на сезоната.
Иако има неколку кои можат да конкурираат за одбрана на сезоната во Ла Лига, Столе вели дека најимпресивна и најневеројатна е онаа против Џирона во 90-та минута на „Месталја“, интервенција вредна победа и важни три бода во битката за опстанол.
– Одбраната против Атлетик Билбао на „Сан Мамес“ беше многу добра, со тренерите за голмани замислуваме реални ситуации кои можат да се случат на теренот и се чувствувам максимално подготвен во такви ситуации.
– Сепак, ако треба да бирам, ќе признаам дека онаа одбрана против Џирона беше најдобра. Ја гледав неколку пати и тоа беше неверојатно. Имав добра одбрана и против Реал Сосиедад на „Аноета“, тренирам секој ден за да реагирам добро во реални ситуации, – изјави Столе.











