Мицкоски на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, во фокусот проширувањето на Унијата

Макфакс

05/06/2026

08:13

219

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски учествува на Самитот Европска Унија – Западен Балкан во Тиват, каде лидерите ќе дискутираат за процесот на проширување на Унијата и зајакнување на регионалната соработка во различни области.

Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска ќе учествува на Самитот Европска Унија – Западен Балкан кој ќе се одржи во Тиват, во Црна Гора.

Самитот, како што соопштуваат од Владата ќе се одржи во хотелот „Regent Porto Montenegro”, каде што лидерите ќе разговараат за актуелни прашања поврзани со европската интеграција на земјите од регионот и соработката со Европската Унија.

По завршувањето на Самитот, е предвидена заедничка прес- конференција.

Самитот го води претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, а домаќин е црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ. Покрај процесот на проширување и Планот за раст за Западен Балкан, се очекува лидерите да разговараат за зајакнување на соработката во областите на надворешната, безбедносната и одбранбената политика, со оглед на сложените геополитички предизвици.

На Самитот му претходеше турнејата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на земјите од Западен Балкан.

Кошта на 2 јуни беше во посета на Скопје, каде се сретна со Мицкоски, а потоа одржаа и заедничка прес-конференција на која премиерот посочи дека македонската позиција е јасна – „остануваме цврсто определени кон европскиот пат, не бараме привилегии, не бараме олеснети правила, не бараме нешто што не им припаѓа на другите, бараме принципи и нормално кредибилен и предвидлив процес, бараме процес во кој реформите, трудот, заслугите, и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани“

„Во изминатиот период работиме посветено на реформската агенда, на јакнење на институциите, на стабилизирање на економијата, на привлекување на инвестиции, на подобрување на јавните услуги и на создавање на систем што ќе биде поефикасен, поправеден и поблиску до граѓаните“, рече Мицкоски на прес-конференцијата во Скопје.

Кошта, пак повтори дека усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори на земјава со ЕУ.

„Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во Европската унија за граѓаните на Северна Македонија, тоа значи Македонците. Таа останува најголемиот инвеститор и најважен трговcки партнер. Остануваме да ве поддржиме и политички и финансиски, но на крајот моќта да ја обликувате вашата иднина е во ваши раце“, изјави Кошта.