Движењето ЗНАМ изразува загриженост поради изјавите на поранешниот претседател Стево Пендаровски кои отвораат сомнежи за можни политички договори и влијание врз правосудството во Македонија, и бараат целосна транспарентност и одговорност од надлежните институции.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска преку прес-конференција изрази сериозна загриженост по изјавите на поранешниот претседател на државата, Стево Пендаровски. Според партијата, овие изјави отвораат суштински прашања за тоа дали правдата во земјава се договарала зад затворени врати и по барање на поранешниот премиер Никола Груевски.
Портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, истакна дека не станува збор за дневнополитичка полемика, туку за сведоштво на поранешен шеф на државата за начинот на кој биле носени одлуки што директно влијаеле врз правниот поредок и довербата во институциите. Тој посочи дека граѓаните слушнале признание дека во највисоките државни кругови се разговарало за прашања кои треба да бидат во исклучив домен на независното правосудство, како што се можни амнестии, враќање на осудени или обвинети лица за тешки кривични дела и измени на Кривичниот законик.
Од Движењето ЗНАМ упатија неколку јавни прашања: Дали државните интереси биле потчинети на политички договори меѓу СДСМ и ДУИ?, Дали измените на Кривичниот законик биле дел од однапред договорен план за заштита на поединци од кривична одговорност по барање на Никола Груевски?; Дали сето тоа е нотирано на „фамозното УСБ стикче кое патувало на релација Будимпешта-Скопје“?; Дали правдата се креирала во политички кабинети наместо во судници и дали најважните правосудни процеси биле предмет на политичко договарање?
„Особено загрижува фактот што овие информации не доаѓаат од политички противници, туку од човек кој бил претседател на државата и непосреден сведок на тие разговори. Тоа ја прави оваа тема прашање од највисок јавен и државен интерес“, изјави Мемов, додавајќи дека Македонија не може да гради европска иднина со неодговорени сомнежи за политички центри на моќ кои одлучувале за селективна правда.
Во тој контекст, ЗНАМ побара целосно и транспарентно објавување на сите факти за овие средби, надлежните институции и Обвинителството да утврдат дали има елементи за одговорност, а СДСМ и ДУИ јавно да одговорат за нивното учество во овие процеси.











