БИА јавно го советуваше српскиот претседател Александар Вучиќ да не ја посети Црна Гора поради висок безбедносен ризик поврзан со присуството на шефот на кавачкиот клан Радоје Звицер, што ја доведува во прашање безбедноста на самитот ЕУ-Западен Балкан.
Српската Агенција за безбедност и разузнавање (БИА) го советуваше српскиот претседател Александар Вучиќ да не патува во Црна Гора на самитот ЕУ-Западен Балкан поради, како што тврди, висок безбедносен ризик.
„Од причини од најголема важност за задачите што ѝ се доверени на Агенцијата за безбедност и разузнавање, објавуваме дека е потребно да се огласиме дека поради непријателските активности на странските служби и криминалните кланови во Црна Гора, Агенцијата за безбедност и разузнавање официјално го советуваше претседателот на Република Србија да не патува во Црна Гора бидејќи е утврден висок безбедносен ризик“, се вели во соопштението на БИА.
„Звицер е во Црна Гора“
„Според нашите оперативни сознанија, Радоје Звицер, водачот на кавакчкиот клан, е во Црна Гора. Спротивно на сите професионални и одговорни правила, безбедносната проценка, која постојано беше барана од службата домаќин на состанокот во Црна Гора, не ни е доставена“, објави БИА на својата веб-страница.
Радоје Звицер е црногорски државјанин кого полицијата и обвинителите во регионот го опишуваат како еден од водачите на кавачкиот клан, една од најмоќните криминални групи на Балканот. Тој е баран од Европол поради сомнение дека е водечки член на криминалната организација вклучена во шверц на кокаин, а неговото име е поврзано и со војната меѓу кавачкиот и шкаљарскиот клан. Неговото место на живеење е непознато.







