Кени Далглиш е жива легенда на Ливерпул и шкотскиот фудбал, а како човек кој ужива посебен статус на „Енфилд Роуд“, сега се најде во центарот на вниманието поради една невнимателна објава.
Поради лошо справување со социјалните мрежи, Далглиш несакајќи објави дека се бори со тешка болест, па иако првично ги избриша извештаиите кои потврдуваат такво нешто, во продолжение реши официјално да се огласи преки својот профил.
Сер Кени и откри на јавноста дека се бори со рак, но за разлика од лошите вештини кои ги има со социјалните мрежи, додаде дека добро му оди во третманот со тешката болест.
– Како што покажа мојата ненамерна објава на социјалните мрежи, во овој период се лекувам од рак. За разлика од моето користење на мобилен телефон и социјални мрежи, лекувањето оди добро. Во идеални услови, ова требаше да остане приватна информација, но моите бескорисни вештини за технолошки направи ме натераа да ја споделам веста.
– Очигледно не сакав оваа тема да стане јавна, па би бил благодарен ако се почитува мојата приватност и приватноста на моето семејство. Како и секогаш, благодарен сум на прекрасниот медицински персонал за неверојатна грижа и дискреција која ја покажаа досега, – порача Далглиш.







