Сиљановска-Давкова – Пелегрини: Сите земји кандидатки треба да имаат еднаков третман на патот кон ЕУ

Макфакс

02/06/2026

14:40

186

Големина на фонт

а а а

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и словачкиот претседател Петер Пелегрини одржаа заедничка прес-конференција во Братислава каде што дискутираа за унапредување на билатералните односи меѓу Македонија и Словачка, економската соработка, културниот интегритет, како и за позицијата на земјите кандидатки на патот кон Европската унија.

Во рамки на официјалната посета на Република Словачка, денеска во Братислава беше одржана заедничка прес-конференција на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и словачкиот претседател, Петер Пелегрини.

Претседателката Сиљановска-Давкова посочи дека ова е нејзина прва официјална посета на Словачка. и истата, како што додаде ,не само што овозможува продолжување на политичкиот дијалог на словачка почва, туку ќе придонесе и за зацврстување на веќе стабилните билатерални односи, преку разбирање и поддршка.

„Две мали земји во срцето на Европа, поврзани со силни историски, културни и духовни врски, обединети преку наследството на светите браќа Кирил и Методиј. Македонската заедница, којашто со децении е присутна во Словачка, чинам дека е успешно интегрирана во словачкото општество и дека гради еден недовршен цврст словачко-македонски мост“, рече македонската престедателка.

Кажа дека со Пелегрини било разговарано на повеќе теми, и изразена обострана подготвеност за унапредување на соработката во духот на заедничките односи, но и взаемната почит и разбирање.

„Во поглед на економијата, која не е моја силна страна, сведоци сме на низа конкретни чекори, сигурна сум дека тие ќе донесат повеќе инвестиции, поголема трговска размена, како и развој на туризмот. Словачка е меѓу првите 20 земји со коишто имаме најголем обем на трговија. Веќе констатиравме дека зачестија средбите меѓу македонските и словачките стопанственици, во Скопје се одржа Бизнис-форум, а во Братислава, првата седница на Заедничката комисија за економска соработка, се отвори и авиолинијата Охрид-Братислава. Знам дека постојат уште многу други потенцијали, сигурна сум дека ќе ги искористиме и тие се однесуваат особено на енергетиката, на иновациите, на зелената транзиција, на инфраструктурата и на туризмот“.

Било разговарано и за продлабочување на образовната соработка, на културната соработка, на академската соработка.

„Со претседателот Пелегрини споделивме мислења и за нашиот предолг пат кон Брисел, кој јас понекогаш го нарекувам маратон или дури велам дали го чекаме господинот Годо. Зошто го велам ова? Се работи за долг пат со бројни ирационални пречки од идентитетски карактер што е спротивно на суштината на природата на ЕУ.

Го поздравувам словачкиот став дека идентитетските и културните прашања не треба да бидат предмет на политички условувања и преговори. Мислам дека токму почитувањето на културниот интегритет на секој народ е суштината на европската идеја.

Особено го цениме ангажираниот став на Словачка, но и на неколку други земји кои трагаат по можно рационално решение за интегрирање на Западниот Балкан во европските структури, за да може земјите коишто долги години се во кандидатски статус, да не бидат оставени настрана, да не бидат на периферијата на периферијата, односно да може да бидат чуени. Тоа е нешто што е кредибилно и тоа е нешто што не обврзува.

Јас многу пати сум кажала и ќе повторам, Европа е наш природен дом – географски, историски и културно. Она што ние го бараме е да бидеме третирани како сите останати, да бидеме вреднувани според Копенхашките критериуми, да добиеме можност да се фокусираме на реформите и на владеењето на правото, наместо да ја губиме енергијата на билатерални прашања, што немаат врска со духот и словото на Копенхашките критериуми.

За мене, интеграцијата на Западниот Балкан не е само политичко, тоа е безбедносно и стратешко прашање во време на геополитички превирања и тектонски промени на меѓународниот поредок“.

Сиљановска-Давкова посочи дека со нејзиниот колега разговарале и за актуелната безбедносна состојба во Европа, што ќе биде тема на претстојниот НАТО Самит во Анкара.

Таа изрази убедување дека денешните разговори ќе поттикнат уште поплодна и посеопфатна соработка во иднина.