[ВИДЕО] „Не се знае каде е Сотир Лукровски“: СДСМ бара предвремени локални избори во Карпош

Макфакс

02/06/2026

14:00

312

Големина на фонт

а а а

СДСМ повикува на предвремени локални избори во Карпош поради долгото отсуство и неодговорност на градоначалникот Сотир Лукровски, при што општината се соочува со сериозни проблеми и институционален вакуум.

Каде е градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски? Еден месец го нема а нема ниту одговор.
Општината е оставена без градоначалник, а последиците од неодговорноста и погрешните кадровски решенија на ВМРО ги трпат граѓаните, реагира Панче Милевски, претседател на Општинската организација Карпош од СДСМ.

Општината, додава тој, се гуши во смет, јавните услуги се влошуваат, а граѓаните се оставени сами да се справуваат со проблемите.

Од Лукровски нема резултати, Карпошани прашуваат каде е

„Од Лукровски и додека формално ја извршуваше функцијата, граѓаните не гледаа резултати од неговото работење. Единствената разлика денес е што никој не знае каде е.

Затоа Карпошани со право прашуваат каде е градоначалникот на Карпош? До кога трае неговото боледување? Кој ја води Општината во негово отсуство“, праша тој.

Дали е точно, вели Милевски, дека е поднесена оставка.

„И ако е така, зошто граѓаните не се официјално информирани? Карпошани имаат право да знаат дали плаќаат две градоначалнички функции, а реално немаат раководство кое целосно и одговорно ги решава нивните проблеми. Еве и денеска Мицкоски му отвораше базент а него го нема. Иако базенто е целосно завршен во време на СДСМ а денеска е само церемонија, но Лукровски не се појави.
Ова е циркус. Додека народот се соочува со секојдневни реални проблеми, Мицкоски се занимава со отворање базени“.

Владејачката партија игнорира вакуумот

Уште пострашно е што ВМРО и Мицкоски, кои се удираа в гради за Лукровски, сега, како што вели, се однесуваат како ништо да не се случува.

Дополнително, според него, се отвора прашањето дали вработените во Општина Карпош треба да стравуваат за своите плати, дали финансиската состојба е стабилна и дали ќе има нов ребаланс на буџетот кој дополнително ќе ги чини граѓаните.

Решение: предвремени избори

„Карпош не смее да биде заложник на лични пресметки и институционален вакуум. Карпошани заслужуваат градоначалник кој е достапен и одговорен, кој е во служба на граѓаните.
Ако Општина Карпош не може нормално да функционира, тогаш единственото демократско решение се предвремени локални избори – граѓаните повторно да одлучат кому ќе му ја доверат одговорноста да го води Карпош. Време е граѓаните повторно да го кажат својот збор на предвремени локални избори во Карпош“.