Управата за јавни приходи информира за раст на даночната основа, пресметаниот данок и нето даночниот ефект кај данокот на добивка за 2025 година, што укажува на стабилност во наплатата и подобрување на даночниот систем, особено за микро и мали компании.
Управата за јавни приходи ја заврши обработката на даночните биланси за 2025 година, за кои роковите за поднесување истекоа во март 2026 година.
Анализата на обработените податоци покажува раст на даночната основа, раст на пресметаниот данок и повисок нето даночен ефект кај данокот на добивка, што укажува на стабилност во наплатата на приходите од данокот на добивка.
„Даночен биланс за оданочување на добивка – образец „ДБ” поднесоа 25.506 даночни обврзници, наспроти 25.051 во 2024 година, додека даночен биланс за оданочување на вкупен приход – образец „ДБ-ВП” поднесоа 50.465 даночни обврзници, што е повеќе во однос на 49.126 поднесени биланси за претходната година. Овие податоци покажуваат дека најголем дел од даночните обврзници – трговски друштва и понатаму се микро и мали компании кои ги користат поволностите од поедноставениот даночен режим“, соопшти УЈП.
Кај даночните биланси за оданочување на добивка, по исклучување на даночните обврзници кои согласно закон имаат право на даночни ослободувања (компании во технолошко индустриските развојни зони, заштитни друштва и казнено-поправни установи), даночната основа и пресметаниот данок за 2025 година бележат раст од 14% во однос на 2024 година.
„По пребивање со аконтативно платениот данок, за доплата остануваат 5 милијарди и 805 милиони денари, за поврат на даночните обврзници се евидентирани 323 милиони денари, додека 4 милијарди и 534 милиони денари повеќе платен данок ќе се користи за подмирување на аконтациите за 2026 година. Нето даночниот ефект за 2025 година е повисок за 33% во однос на претходната година. Овие резултати првенствено се должат на повисоките добивки кај компаниите и на помалиот износ на користени намалувања на даночната основа во однос на 2024 година“, се наведува во соопштението.
Во рамки на поедноставениот даночен режим, компаниите со вкупен приход до 3 милиони денари се целосно ослободени од плаќање данок, додека за приход меѓу 3 и 6 милиони денари се применува данок од 1% од вкупниот приход.
Од вкупниот број 50.465 поднесени ДБ-ВП обрасци, данок на вкупен приход пресметале 3.883 даночни обврзници, што како број претставува раст од 8,6% во однос на 2024 година. Нето даночниот ефект кај овој вид оданочување изнесува 45,3 милиони денари и е понизок во однос на претходната година кога изнесуваше 53,5 милиони денари.
„Овој даночен режим ја потврдува поддршката што даночниот систем ја обезбедува за микро и малите компании преку ниско или целосно ослободено даночно оптоварување. За разлика од компаниите, даночната основа и пресметаниот данок на доход за 2025 година кај трговците-поединици и физичките лица кои се занимаваат со земјоделска и занаетчиска дејност и лицата кои вршат услуги и слободни занимања во однос на 2024 година бележат пораст меѓу 2% и 3%. По пребивање со аконтативно платениот данок, за доплата остануваат 147,7 милиони денари, додека повеќе платениот данок од 54,1 милион денари ќе се пренесе во годишните даночни пријави на граѓаните. Нето даночниот ефект е помал од 2024 година и се должи на поголемиот износ на аконтативно платен данок во текот на 2025 година што го надминува годишниот раст на нето-доходот, а воедно повисок раст имаат и користените даночни намалувања. Овие показатели произлегуваат од обработени 9.921 годишни даночни биланси „ДЛД-ДБ” за 2025 година, што е повеќе во однос на 9.705 биланси за претходната година“, пишува во соопштението.
Обврска за оданочување на приходите од стопанска дејност имаат и здруженијата на граѓани, фондациите и другите непрофитни организации кога приходите од вршење стопанска дејност го надминуваат законскиот праг од 1 милион денари годишно.
За 2025 година 247 здруженија и фондации поднеле даночен биланс „ДБ-НП/ВП” и пресметале данок од 1% од остварениот приход од стопанска дејност. Иако бројот на обврзници е помал во однос на 2024 година кога ваков биланс поднеле 1.310 даночни обврзници, пресметаниот данок изнесува 21,7 милиони денари и е повисок од минатогодишниот износ од 19,4 милиони денари.
По обработката на даночните биланси, Управата за јавни приходи продолжува со активности за детектирање неподнесени биланси, наплата на пријавените долгови, враќање на повеќе платениот данок и проверка на усогласеноста во пресметувањето на даночните обврски преку анализи на ризик, неконтролни мерки и даночни контроли.















