[ВИДЕО] Ѓорѓиев: За свлечиштето во Центар одговорност мора да сноси и Горан Герасимовски

Макфакс

28/05/2026

18:40

184

Големина на фонт

а а а

Филип Ѓорѓиев од ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува Горан Герасимовски и СДСМ за неодговорното работење што довело до свлечиштето на градилиште во општина Центар, посочувајќи ја нивната улога во издавањето одобренија за градба без контрола.

За свлечиштето на градилиште во Центар што се случи во понеделникот на улицата „Теодосиј Гологанов“, во близина на Католичката црква, одговорност мора да сноси и Горан Герасимовски, изјави Филип Ѓорѓиев од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него хаосот кој деновиве се случува во општина Центар е последица на неодговорното работење на СДСМ и Герасимовски и на тоа што се расфрлале со одобренија за градби.

„Задоцнети казни и санкции нема да го исперат неодговорното и расипничко работење на Герасимовски и СДС во Општина Центар. Луѓето што скоро цела деценија го уништуваат Центар, требаше да размислуваат пред да се расфрлаат со одобренија за градба на фирмите на Абдуљвехап Хусеини, кој според медиумите е со натоварени пријави за несовесно работење во службата или пак на Љумиал Џеладини, чија компанија има објавено непостоечки телефонски број. Што мислеа кога дадоа амин за работа на „Конструксион Груп Гостивар“, во сопственост на Исмаил Беџети, за која медиумите подоцна открија дека е со блокирана сметка!?“, праша тој.

За овие компании, вели Ѓорѓиев, Герасимовски и СДС три месеци ништо не знаеле, додека тие го раскопувале срцето на градот.

„Три месеци беа заслепени со парите од неконтролираното издавање одобренија за градба, три месеци не виделе апсолутно ништо. И дури кога се урна земјиштето, пропаднаа тротоари, кога паднаа бандери, тогаш „дознаа“ на кој сѐ даваат одобренија за градба и „итно реагираа“. Во меѓувреме, инспекторот им бил на боледување. Покрај одговорност за компаниите и нивните сопственици, одговорност мора да сносат и Горан Герасимовски и СДС, бидејќи ова не е инцидент. Ова е само уште еден доказ дека СДС ја влече Општина Центар во пропаст, заедно со себе“, рече Ѓорѓиев.