Азизи: Иран нема да се откаже од своите црвени линии, Трамп еден ден користи закани, а следниот моли

Макфакс

28/05/2026

09:00

249

Големина на фонт

а а а

Иранскиот парламент не отстапува од основните принципи во преговорите за нуклеарното прашање, додека американскиот претседател Доналд Трамп наизменично користи закани и молби за договор.

Исламската Република нема да се откаже од своите црвени линии, како што се правото на збогатување ураниум, управување со Ормускиот теснец и укинување на санкциите, истакна денес шефот на иранскиот парламентарен комитет за национална безбедност и надворешна политика, Ебрахим Азизи.

– Јасно е дека еден ден Трамп користи закани за да се спаси од овој стратешки ќорсокак, а следниот моли за договор – напиша Азизи на својот профил на платформата Икс, пренесува агенцијата „Мехр“.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во средата тврдеше дека Иран „преговара со последните сили“ и инсистираше дека парламентарните избори во ноември нема да го принудат да брза со договор за прекин на речиси тримесечната војна што предизвика тешкотии низ целиот свет.

Висок функционер на администрацијата изјави за CNN во неделата дека нацрт-договорот им дава на страните „60 дена да постигнат конечни договори“.

Според него, потенцијалниот договор треба да обезбеди Иран никогаш да не може да поседува нуклеарно оружје и би го обврзал да се откаже од високо збогатениот ураниум.