Манасиевски: Уставните измени не се последниот услов, Бугарија има пошироки барања кон Македонија

Макфакс

27/05/2026

13:10

184

Големина на фонт

а а а

Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ ја истакна кризата околу уставните измени и укажува дека Бугарија поставува пошироки барања кои опфаќаат прашања поврзани со македонскиот идентитет, историја и културно наследство, а не само формални уставни промени.

Уставните измени не се последниот услов, Бугарија има пошироки барања кон Македонија, а Филипче е спремен да ги поддржи, вели Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Очигледно е дека единствениот кој безрезервно им верува на пораките на Румен Радев дека уставните измени се последната пречка на патот кон Европската Унија е токму специјалниот бугарски пратеник во Македонија, Венко Филипче. Премиерот на Бугарија, Румен Радев излегува во јавноста и вели дека македонските револуционери како Гоце Делчев и Јане Сандански се Бугари, дејци како браќата Миладиновци исто така дека се Бугари, како и основоположниците на словенската писменост Кирил и Методиј, како Климент и Наум Охридски дека се дел од бугарската историја, осуда од специјалниот бугарски пратеник во Македонија Венко Филипче нема“, рече тој.

Манасиевски вели дека Румен Радев кажува дека македонскиот јазик постои од 1945 година, а Филипче не го осудил тоа.

„Румен Радев вели дека македонскиот идентитет постои од 1945 година, Филипче не осудува. Радев вели дека пред 1945 година сме биле Бугари, Филипче не осудува. Македонската историја надалеку позната и прочуена како бугарска, Румен Радев ја претставува како бугарска, а Филипче не осудува. Почитувани граѓани, Зошто ова што го говориме е многу важно? Затоа што вие имате право да знаете какви отстапки би следеле понатаму доколку СДС и Филипче повторно добијат можност да одлучуваат за државните позиции. Од авион се гледа дека Бугарија има пошироки барања кон Македонија кои директно навлегуваат во прашањата за македонскиот идентитет, историја и културно наследство, а не само за внесување на неколку илјади Бугари во Уставот“, рече Манасиевски и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто на ставот дека македонските национални интереси, достоинството на државата и историската вистина не смеат да бидат предмет на политички договори и трговија за власт.