„Топлотната купола“ ја парализираше Европа, високите температури започнаа порано од кога било досега: Измерени и до 15 степени над просекот

Точка

26/05/2026

19:14

334

Големина на фонт

а а а

Високите температури во Европа, заедно со феноменот „топлотна купола“, предизвикуваат загриженост поради глобалното затоплување и неговите последици.

Западна Европа оваа седмица ја зафати силен топлотен бран, додека метеоролозите предупредуваат на невообичаено високи температури за крајот на мај. Феноменот познат како „топлотна купола“ веќе носи пеколни горештини во повеќе европски земји, со можност за уривање температурни рекорди.

Експертите предупредуваат дека сѐ почестите и поинтензивни топлотни бранови се директна последица на глобалното затоплување.

Најпогодени ќе бидат Шпанија и Португалија, каде што се очекуваат температури и до 40 Целзиусови степени, додека и Франција, Белгија и Обединетото Кралство ќе бележат значително потопло време од просекот за овој период од годината. Француската метеоролошка служба предупреди на „ран, исклучителен и долготраен топлотен бран“, со температури кои локално ќе бидат и до 12 степени повисоки од вообичаените за мај.

Шпанија и Португалија очекуваат најизразен топлотен бран во текот на оваа седмица, предупредија метеоролошките служби. Во делови од Португалија температурите би можеле да достигнат речиси 40 степени Целзиусови, додека на југот на Шпанија се прогнозираат и до 38 степени.

Франција, Белгија и Обединетото Кралство исто така се соочуваат со температури значително над просекот за мај.

Франција погодена од најраниот топлотен бран

Франција ја погоди најраниот топлотен бран во повеќе од еден век, со температури и до 15 степени над просекот за овој период од годината, додека департманот Финистер првпат од воспоставувањето на системот за предупредување во 2004 година е ставен во жолт степен на подготвеност поради горештини во текот на мај, соопшти француската метеоролошка служба „Meteo France“.

Предупредувањето, како што пишува „Figaro“, е проширено на 18 департмани во западна Франција и подрачјето на Париз, додека осум департмани денес се под портокалов метеоаларм поради екстремни температури.


Според наводите на „Meteo France“, топлотен бран настапува кога просечната температура на ниво на држава во текот на три дена изнесува најмалку 23,4 степени Целзиусови, со најмалку еден ден со температура од 25,3 степени или повеќе.

Метеорологот на телевизиската мрежа „La Chaîne Météo“, Сирил Вест, изјави дека станува збор за „најраниот топлотен бран некогаш забележан во повеќе од еден век“. Тој објасни дека причината за актуелниот бран на жежок воздух е продор на топол воздух од Сахара преку Медитеранот кон Европа, каде што го задржува силен антициклон над земјите на Бенелукс и Северно Море.

Актуелната „топлотна купола“ над Европа, според проценките на метеоролозите, би можела да се задржи најмалку до следниот викенд.

Температурен рекорд во Обединетото Кралство

Обединетото Кралство денес го забележа најтоплиот ден оваа година во сите четири свои конститутивни области, додека во Лондон и Велс беа урнати историски температурни рекорди за мај, поради топлотниот бран што зафати голем дел од Европа.

Највисоката температура е измерена во лондонскиот „Kew Gardens“, каде што живата во термометарот достигнала 34,8 степени Целзиусови, со што е урнат рекордот за најтопол мајски ден и најтопол државен празник во историјата на мерењата во Обединетото Кралство.

Претходно на аеродромот Хитроу биле измерени 33,5 степени, со што бил надминат досегашниот мајски рекорд поставен во 1922 и повторен во 1944 година, пренесе „Sky News“.

Во Велс исто така е урнат рекордот за најтопол мајски ден, откако на аеродромот Ховарден биле измерени 32,2 степени. Во Шкотска, во местото Чартерхол биле измерени 26,7 степени, додека во Дерилин температурата достигнала 25,8 степени.


Температури над 33 степени се регистрирани низ југоисточна Англија, вклучувајќи ги Тедингтон, Бенсон и Висли. Британската метеоролошка служба „Met Office“ соопшти дека се очекува продолжување на топлотниот бран во текот на целата седмица, со можност температурата повторно да достигне 35 степени. Метеоролозите наведуваат дека топлото време е предизвикано од силно поле на висок воздушен притисок над земјата, кое доведува до спуштање и загревање на воздухот.

Во текот на ноќта меѓу недела и понеделник е урнат и рекордот за највисока минимална температура во мај, откако на аеродромот Кенли биле измерени 19,4 степени, наведува „Guardian“.

Британските експерти предупредуваат дека екстремните горештини би можеле да ја зголемат смртноста и да ја влошат здравствената состојба на населението, особено кај постарите лица, бремените жени и хронично болните. Истражувачката за климатски промени од Универзитетот Оксфорд, Клои Бримикомб, оцени дека рекордните температури претставуваат уште еден доказ за последиците од климатските промени и укажа на итната потреба од приспособување на екстремните временски услови.