Трамп воведува радикална промена, ќе ги преврти животите на стотици илјади луѓе: „Ова ќе има далекусежни последици!“

Точка

23/05/2026

19:11

842

Големина на фонт

а а а

Администрацијата на Доналд Трамп воведува радикална промена во имиграциската политика која би можела да ги преврти животите на стотици илјади луѓе.

Имено сите кои сакаат да добијат зелена карта во иднина ќе мора да ги напуштат Соединетите Американски Држави за време на процесот на пријавување и да се вратат во своите матични земји, пишува Си-ен-ен.

Новото правило, кое американските имиграциски власти го објавија во петок, предвидува дека подносителите на барање за постојан престој повеќе нема да можат да ја завршат постапката додека се наоѓаат во САД, туку барањето ќе мора да го поднесат од странство.

Ненадејната промена на политиката би можела да погоди голем дел од легалните имигранти во Америка. Луѓето кои бараат право на траен престој би биле принудени да ја напуштат земјата, да се разделат од семејствата, да ја остават работата и привремено да го прекинат животот што таму го изградиле. Процесот за добивање зелена карта веќе е познат како долготраен и сложен и често трае со месеци, па дури и со години.

Американската служба за државјанство и имиграција (USCIS) соопшти дека ќе постојат исклучоци за „вонредни околности“, изјави портпаролот на агенцијата Зак Калер.


„Кога странците поднесуваат барање од својата матична земја, се намалува потребата за пронаоѓање и депортирање на оние кои по одбивањето на барањето ќе одлучат илегално да останат во САД“, рече Калер.

Според јавно достапните податоци на Министерството за домашна безбедност, околу 1,4 милиони луѓе добиле статус на законит постојан престој во текот на фискалната 2024 година.

Новото правило речиси сигурно ќе биде предмет на правни оспорувања. Веќе неколку часа по објавувањето предизвика бран критики од адвокати, политичари и организации за права на имигрантите.

Демократската конгресменка од Илиноис, Делија С. Рамирез, на социјалната мрежа Икс ја нарече политиката „сурова над секоја мера“ и повика на „расклопување на Министерството за домашна безбедност дел по дел“.


Гувернерката на Њујорк, Кети Хокул, порача дека новата политика „го предава самото ветување врз кое е изградена оваа земја“.

„Трамп штотуку намерно ја отежна легалната имиграција“, напиша демократскиот конгресмен од Аризона, Грег Стентон. „Америка привлекува врвни истражувачи, лекари и инженери токму благодарение на програмите за работни визи“, додаде тој.

Демократскиот претставник од Калифорнија, Тед Лиу ја нарече одлуката „глупава политика“ која ќе им „помогне на конкурентите како Кина и Русија“.

Дејвид Џ. Биер, директорот за имиграциски студии во институтот „Като“, ја опиша новата мерка како „нелогична“ и предупреди на нејзините далекусежни последици.

„Тоа ќе ги истера талентираните луѓе во други земји и ќе ја направи Америка помалку конкурентна за бизнис“, напиша Биер.


Иако пресметката со илегалната имиграција е еден од главните приоритети на администрацијата на Трамп, новото правило е само последниот пример за обидите да се ограничат и легалните форми на доселување.

Администрацијата веќе презеде чекори за значително намалување на бројот на барања за азил, го укина привремениот заштитен статус за повеќе држави — што им овозможуваше на луѓето кои бегаат од војни, природни катастрофи и опасни услови да живеат во САД без страв од депортација — го запре приемот на бегалци, освен на бели Јужноафриканци и ги ограничи работните и студентските визи.

По минатогодишното пукање во Вашингтон, во кое беа ранети двајца припадници на Националната гарда, администрацијата објави дека повторно ги преиспитува сите зелени карти издадени на лица од 19 „ризични“ земји.

Меѓутоа, наводниот сторител на тој напад, авганистански државјанин, побарал азил, што е поинаква постапка од пријавата за зелена карта, уште во 2021 година, а азилот му бил одобрен во 2025 година.