[ВИДЕО] Во експлозија на гас во рудник за јаглен во Кина загинаа најмалку 90 рудари

Макфакс

23/05/2026

09:40

279

Големина на фонт

а а а

Во северна Кина се случи експлозија на гас во рудник за јаглен која однесе најмалку 90 животи. Спасувачките екипи продолжуваат да бараат исчезнати рудари, додека претседателот Си Џинпинг издаде итни инструкции за спасувачките напори и организирање на темелна истрага.

Најмалку 90 лица го загубија животот по експлозија на гас во рудник за јаглен во северна Кина, објавија денеска државните медиуми. Спасувачките екипи сè уште интензивно трагаат по деветмина рудари кои се водат како исчезнати, наведува државната новинска агенција Синхуа.

Експлозијата се случила во синоќа во рудникот за јаглен Лиушенју во округот Чинјуан во Шанси, една од најсиромашните кинески провинции, а во моментот на катастрофалниот инцидент, под земја на должност биле дури 247 рудари.

Кинескиот претседател Си Џинпинг упати итен апел до надлежните органи да не штедат напори во лекувањето на повредените и во целосното спроведување на спасувачките операции и воедно нареди темелна истрага за откривање на причините за несреќата, барајќи строга одговорност за виновниците во согласност со законот.

„Сите региони и сектори мора да извлечат поука од оваа несреќа, да останат постојано будни кога станува збор за безбедноста на работното место и одлучно да спречат појава на нови големи и катастрофални инциденти“, рече тој. 

Претходно, беше објавено и оти нивото на јаглерод моноксид во рудникот ги надминало сите дозволени граници, како и дека дел од рударите кои биле заробени под земја се наоѓаат во критична здравствена состојба.