Халанд по загубената битка со Арсенал: Овој бес ќе треба да го искористиме следната сезона

Дерби

20/05/2026

14:48

268

Големина на фонт

а а а

Ерлинг Халанд запеа од среќа кога Манчестер Сити го победи Арсенал во големото дерби на „Итихад“ и во тој момент се доби впечаток дека „граѓаните“ се тие кои прават круцијален чекор кон титулата, но точно еден месец подоцна, реалноста е сосема поинаква.

Сити го доби Арсенал на 19-ти април и тогаш се беше во рацете и нозете на играчите кои ги води Пеп Гвардиола, но двата кикса со Евертон и Борнмут направија титулата да биде официјализирана на 19-ти мај, и тоа за клубот од Северен Лондон.

По ремито со Борнмут на „Виталити“ со резултат 1:1, Халанд собра храброст да се соочи со новинарите, а неговата изјава се однесува до сите оние кои ќе останат во тимот и следната сезона.

– Еве веќе втора година остануваме без трофејот во Премиер лигата, а веќе за нас изгледа како да е цела вечност. Со сите кои ќе останат тука наредната сезона, ќе направиме се за да ја освоиме Премиер лигата.

– Целиот клуб треба да го искористи ова како мотивација. Треба да бидеме бесни, треба да чувствуваме оган во себе, бидејќи ова не е доволно добро за нас. Бевме подобри од минатата сезона, но можевме да направиме уште еден исчекор повеќе и да ја освоиме лигата. Сега е веќе готово, па не е лесно да се зборува и да се биде паметен. Освоивме два Куп трофеи и тоа е важно, но дефинитивно ја посакувавме и Премиер лигата, – изјави Халанд.