Новите истражувања покажале кои европски дестинации се најповолни за викенд-патувања. Најповолни европски дестинации се Македонија, Босна и Херцеговина и Србија, додека пак Лихтенштајн е прогласена за најскапа дестинација.
Додека растат цените на авионските карти поради конфликтот на Блискиот исток, патувањата стануваат сѐ поскапи за голем број од туристите. Сепак, истражувањето на платформата „Solo Female Travelers“ открило неколку европски дестинации во кои викенд-одморот може да чини значајно помалку отколку што многумина очекуваат.

Истражувачите анализирале податоци од страницата „Numbeo“ за 49 европски дестинации, додека пак од истражувањето изоставени биле Русија, Белорусија и Украина поради војната и непроверените податоци.
Тимот потоа пресметал просечни дневни трошоци за соло патници низ шест категории на потрошувачка: оброк во поволен ресторан, кафе или капучино, флаширана вода од 0,33 литри, локален превоз, карти за кино и ноќевање во еднособен апартман во центарот на градот.
Цел викенд за само 50 евра
Истражувањето покажало дека викенд во Македонија може да ве чини околу 52,38 евра.
Скопје, главниот град на Македонија има повеќе од 500.000 жители. Во истражувањето е наведено дека Македонија не излегува на море и се граничи со Грција, Албанија, Бугарија, Косово и Србија.
Според податоците од истражувањето, оброк во поволен ресторан во Скопје чини околу 6,5 евра, капучино 1,9 евра, додека пак шише вода од 0,33 литри изнесува едно евро.

Според податоците на страницата „World Population Review“, Македонија се наоѓа меѓу „најбезбедните земји на светот“, благодарение на нискиот ризик според Глобалниот индекс за мир.
На второ место се нашла Босна и Херцеговина, каде викенд за соло патници чини околу 54,66 евра. Следат Молдавија со 54,93 евра и Грција каде просечен викенд за едно лице изнесува околу 61,65 евра.
Интересно е тоа што вкупните трошоци за сите четири најевтини дестинации речиси одговараат на цената на еден викенд во најскапата европска држава за ваков тип патување.
Оваа земја е четири пати поскапа од Македонија
Имено, Лихтенштајн е прогласена за најскапа дестинација за соло викенд патувања, со просечен трошок од дури 222,66 евра. Тоа е повеќе од четири пати поскапо од Македонија.
Лихтенштајн за помалку од едно евро ја престигнал соседна Швајцарија, каде викенд чини 221,70 евра. Најголемиот трошок во Лихтенштајн претставуваат рестораните и секојдневните излегувања. Просечен оброк таму чини околу 27 евра, што е повеќе од дупло над европскиот просек од околу 15 евра.

Мар Пагес, коосновач на платформата „Solo Female Travelers“ изјавила:
„Лихтенштајн е можеби мала земја, но трошоците во неа не се. Интересно е што главната причина за високите цени не е сместувањето туку секојдневната потрошувачка – од обичен оброк до кафе. За соло патниците кои планираат европски патувања, ова истражување покажува колку разликите во трошоците меѓу европските дестинации можат да бидат огромни и колку изборот на дестинации прави голема разлика“.















