Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека во иднина ќе следуваат законски измени, кои ќе бидат порестриктивни во однос на управувањето со електричен тротинет.
Тошковски одговарајќи на новинарско прашање денеска на официјалната промоција на Кампањата за побезбеден сообраќај: Одговорно со технологијата, на А1 Македонија и МВР, рече дека во моментов не може да каже дали ќе има ограничување на возраста до 16 или до 18 години за оние кои ќе можат да управуваат електричен тротинет.
Тошовски посочи дека ова едно од многуте горливи прашања, со повеќе европски амбасадори разговарал на оваа тема. Истакна дека во моментов европскиот просек во однос на бројот на жртви е околу 44 на милион жители.
- Но, во последниот период таму е констатиран пораст на смртни случаи како последица на несоодветно управување со електрични тротинети, нивно несоодветно вклучување во сообраќајот и нивно несоодветно користење, особено од страна на малолетни лица – рече Тошковски и додаде дека во моментов се прави компаративна анализа и се разгледуваат искуствата на другите држави.
Министерот истакна дека Грција е една од државите што во последниот период имплементираше порадикални мерки во оваа насока.
- Ќе ја искористам оваа прилика да кажам дека во иднина ќе следуваат законски измени што ќе бидат порестриктивни во оваа област. Не можам сега да навлегувам во детали, дали ќе станува збор за ограничување до 18 или до 16 години, дали ќе одиме со забрани или со порегулиран систем, но во секој случај, апсолутно е јасно дека на ова поле ни се потребни законски измени, сè со цел зголемување на безбедноста поврзана со овој тип превозни средства, најави тој.
За тоа дали во текот на летниот период ќе се зголеми и контролата врз лицата кои управуваат со мотор, имајќи предвид дека овие превозни средства и повеќе се користат во тој период, Тошковски истакна дека вистинските моторџии ги почитуваат сообраќајните правила.
- Сакам да кажам дека оние што се вистински моторџии, а такви познавам лично многу, никогаш во град не ги прекршуваат сообраќајните правила. Вистинските моторџии, особено оние што членуваат во мото-организации, се и тоа како посветени на почитување на сообраќајните правила, бидејќи многу добро знаат какви се последиците кога тие не се почитуваат. Но, за сите оние што „глумат“ моторџии, возат без кацига, со далеку поголема брзина, возат на едно тркало низ град, поминуваат на црвено светло и мислат дека „Сејф сити“ нема да ги детектира сакам јавно да порачам дека Министерството за внатрешни работи во наредниот период ќе биде особено фокусирано токму на нив, особено во градските средини. Ќе останат и без мотори и без можност да „глумат“ моторџии. За нив се подготвува посебен план за постапување и тие ќе бидат главен таргет, затоа што претставуваат огромен ризик во сообраќајот – нагласи министерот.
Тошковски додаде дека човечкиот живот нема цена и секој што не ги почитува сообраќајните правила, особено во урбаните средини, претставува потенцијален ризик да предизвика трагедија што никогаш повеќе не може да се исправи, особено ако згасне човечки живот.















