ЗНАМ: Венко Филипче е политички мегафон на Софија во Скопје

Макфакс

15/05/2026

13:10

170

Големина на фонт

а а а

Статијата ја критикува политиката на СДСМ, особено улогата на Венко Филипче, кој е оценет како политички мегафон на Софија во Скопје. Текстот ја поставува дилемата за настапот и односите на партијата кон македонскиот национален идентитет и потенцира сомнежи за лични и бизнис интереси поврзани со Бугарија.

Повеќе од јасно е дека раководството на СДСМ води политика што создава сомнеж во јавноста дали воопшто партијата ги застапува македонските национални интереси или работи во полза на туѓи агенди и наративи, велат од ЗНАМ.

Од таму додаваа дека СДСМ со години наназад води политика на национални отстапки, релативизирање на македонскиот идентитет и поткопување на државните позиции.

Политички мегафон

„Се започна од интервјуто на Зоран Заев за БГНЕС, каде јасно и гласно го изедначи македонскиот јазик и култура како исти и заеднички со бугарскиот јазик и заедничка историја. Потоа следуваше изјава од тогашниот претседател Стево Пендаровски со кои дополнително се отворија контроверзии околу ликот и делото на Гоце Делчев, нарекувајќи го Бугарин. Следствено на ова, се потпиша и т.н. француски предлог, прифатен од владата на СДСМ предводена од Димитар Ковачевски, што претставува најголема дипломатска капитулација и отстапки на штета на македонските позиции. Дополнително, членот на Централниот одбор на СДСМ, Рубин Земун, со својот последен јавен настап ја минимизира улогата и значењето на Гоце Делчев, како историска личност кој е темел на македонската државност“, вели портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов.

Тој вели дека Венко Филипче, во континуитет инсистира на уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот, притоа релативизирајќи ги постојаните негирања и провокации што доаѓаат од официјална Софија кон македонскиот идентитет, јазик и историја.

„Со ваквите ставови и политики, Венко Филипче е политички мегафон на Софија во Скопје, промовирајќи наративи што директно им штетат на македонските национални позиции и достоинството на македонскиот народ. Се поставува прашањето која е позадината на ваквите бугарофилски политики на СДСМ, кога упорно промовираат наратив што директно се коси со чувствата и ставовите на македонскиот народ? Во чие име се води оваа политика на релативизирање на македонскиот идентитет? Во чии интереси се шири тезата дека Бугарија не го оспорува македонскиот национален идентитет, кога секојдневно сме сведоци на спротивното? Зошто СДСМ постојано се обидува да ја прикрие сопствената политичка одговорност зад флоскулата за европскиот пат, додека истовремено ги блокира и бојкотира реформските процеси во Собранието?“, праша Мемов.

Тој вели дека ЗНАМ се сомнева дека вистинските мотиви за ваквиот наратив не лежат во европската иднина на државата, туку во заштита на лични бизнис интереси, капитал и економски релации поврзани со Бугарија.

Прашања до јавноста

„Затоа, јавноста заслужува одговор на следниве прашања: * Дали е точен фактот дека Венко Филипче ја поседува фирмата во POWER i8 Ltd., ЕИК 207164506, регистрирана во Петрич, со дејност поврзана со недвижности? Дали семејството Заеви е поврзано со фирмата GOMASIDRA Ltd., ЕИК 204619751, исто така регистрирана во Петрич? Дали на истата адреса во Петрич, ул. „Гоце Делчев“ бр. 12, се регистрирани и други компании поврзани со лица блиски до Заеви? Дали постоењето и работењето на овие фирми се основната причина за ваквите бугарофилски политики на СДСМ?“, праша Мемов.

Тој ги повикува и членовите и симпатизерите на СДСМ да не поддржуваат вакви, како што рече, штетни политики и да не бидат нивни заложници.

Отворени врати

„Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, базирајќи се на основните темели на постоење на македонската држава, Илинден и АСНОМ, ги остава вратите отворени за сите искрени и чесни членови и симпатизери на СДСМ“, рече Мемов.