Масимилијано Алегри направи кам-бек во Милан за да го врати тимот во Лигата на шампиони, па иако се уште има добри шанси да го оствари тоа, се чини дека тој експресно ќе си замине од клубот без оглед на исходот во последните две кола.
По шпекулациите дека е раскаран со директорот Џорџо Фурлани, сега се појавија гласини кои откриваат дека проблемот е доста поголем, бидејќи во целата ситуација е вмешан и главниот советник на клубот, Златан Ибрахимовиќ.
Како што пренесува угледниот медиум „Кориере дела Сера“, Алегри и Ибрахимовиќ дошле до точка воопшто да не си зборуваат и целосно да се игнорираат во Милан, а таквата неподнослива атмосфера многу веројатно ќе го оттргне тренерот од првиот тим.
Според истиот извор, Алегри има повеќе причини да си оди од „Сан Сиро“ и едвај чека да дојде тој ден, па се поверојатно е дека неговата втора етапа во клубот ќе трае само една сезона.
Милан како клуб е пред ново лето во кое ќе има поголема реконструкција во хиерархијата составена од директори, но какошто стојат работите, истото ќе важи и за стручниот штаб и играчкиот кадар.
Кризата во која западна тимот во последно време направила работите да ескалираат, а Алегри не планира да остане дел од клуб во кој неколку важни лица се непријателски настроени кон него.







