Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, изрази уверување за остварување на значаен напредок во преговорите со Иран, и покрај дека претседателот Трамп одби некои од најновите предлози од страна на Техеран. Во меѓувреме, деталите од преговорите откриваат комплексни барања од двете страни и напнатости кои влијаат на понатамошниот тек на дијалогот.
Пoтпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, изјави дека верува оти се постигнува напредок во преговорите со Иран, и покрај тоа што претседателот Доналд Трамп го отфрли најновиот предлог на Техеран, сметајќи го за неприфатлив.
„Мислам дека постигнуваме напредок. Фундаменталното прашање е, дали ќе постигнеме доволен напредок за да ја исполниме црвената линија на претседателот?“, изјави Венс пред новинарите во Белата куќа. „А црвената линија е многу едноставна. Тој мора да се погрижи да воспоставиме низа заштитни мерки за Иран никогаш да нема нуклеарно оружје“.
Во меѓувреме, Махмуд Набавијан, член на преговарачкиот тим на Иран, откри детали од неодамнешните разговори во Исламабад, објави „Ал Џезира“. Според неговите зборови, објавени од новинската агенција ИСНА, САД имале две главни барања: целосно отворање на Ормускиот теснец и отстранување на целиот материјал збогатен до 60 проценти од Иран.
За возврат, доколку Иран ги исполни овие барања, САД понудија да ослободат шест милијарди долари замрзнати средства. Набавијан, исто така, го цитираше претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, кој изјави дека иако САД имаат можност да ја нападнат инфраструктурата на Иран, Иран би можел „да ја срамни со земја целата инфраструктура во регионот за помалку од половина ден“.
Според сведочењето на Набавијан, по контактот со Трамп, потпретседателот Венс предложил продолжување на преговорите врз основа на планот презентиран од САД, со што Галибаф се согласил. Сепак, Венс потоа одеднаш објави дека Трамп сепак нема да прифати таков договор, што е спротивно на неговите подоцнежни јавни изјави за напредокот во преговорите.











