Кисела Вода гради нов паркинг на улица „Пушкинова“

Макфакс

13/05/2026

12:50

150

Големина на фонт

а а а

Општина Кисела Вода започна со изградба на нов паркинг на улицата „Пушкинова“, каде што на површина од 437 квадратни метри се уредува паркинг простор со павер елементи и нова атмосферска канализација. Овој проект е дел од четирите нови паркинзи во општината, со цел да се решат проблемите со паркирањето и да се подобри животот на жителите.

Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска денес изврши увид во градежните активности на улицата „Пушкинова“, каде што започна изградба на нов паркинг простор.

На површина од 437 квадратни метри ќе се постави партерно уредување со павер елементи. Во склоп на градежните работи соодветно се решава и атмосферската канализација преку сливник кој ќе се приклучи кон постојната мрежа.

Паркингот на улицата „Пушкинова“ е еден од четирите нови паркинзи кои Општина Кисела Вода во моментов ги гради ширум својата територија.

-За нас секое паркинг место е важно. Свесни сме за секојдневните предизвици со кои се соочуваат жителите, па затоа сме постојано на терен и секогаш изнаоѓаме локации каде што може просторот да се уреди и пренамени. Продолжуваме посветено да работиме на решавање на овој проблем, со цел да им го олесниме секојдневието на нашите сограѓани-изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.