Англиската фудбалска легенда, Вејн Руни се повеќе го гледаме во улога на стручен коментатор, аналитичар, односно како да ја стави тренерската работа во втор план.
Некогашниот ас на Евертон и Манчестер Јунајтед станува се поактивен и поактивен низ англиските медиуми и дефинитивно има интересни размислувања со кои добива екстра внимание во јавноста.
Арсенал е најдобрата англиска екипа во сезоната ако се земе предвид дека се лидери во ПЛ и ќе играат финале во ЛШ, но и покрај резултатите често можат да се најдат критики на адреса на летното засилување Виктор Ѓокереш.
Швеѓанецот пристигна од Спортинг Лисабон како вистинска гол машина и многумина очекуваа да се „распука“ и во премиерлигашот, но иако бројките не се високи тој има 20+ гола во дебитанската сезона со што е во одбрано друштво на асови како Тјери Анри и Иан Рајт.
Руни има високо мислење за Ѓокереш и смета дека има значајна улога во постигнатите резултати на Арсенал во тековнава кампања.
- Цела сезона го кажував ова и ме критикуваа за она што го кажував, но всушност навистина ми се допаѓа. Она што го носи во тимот на Арсенал е тоа што ги окупира дефанзивците. Ги тера да работат, ги тера да се бранат, ги контролира каналите. И она што го видовме неодамна е дека се создава повеќе простор за Еберечи Езе и за Букајо Сака – затоа што ако еден или двајцата централни дефанзивци мора да одат и да го покриваат, а потоа бекот мора да покрива, кога брзо ќе ја замените топката, се создава многу простор за сите зад него.
- Во последните неколку недели тој го покажува тоа уште повеќе и ако Арсенал ја освои лигата и Лигата на шампионите, тој ќе биде главна причина за тоа, бидејќи токму таму Арсенал беше краток во последните неколку години, - порача Руни.







