Герасимовски: Центар обезбеди 2 милиони денари за субвенции, повик до младите да аплицираат за возачка дозвола

Макфакс

12/05/2026

11:32

91

Големина на фонт

а а а

Општина Центар обезбеди 2 милиони денари за субвенции кои им помагаат на младите да се стекнат со возачка дозвола од Б-категорија. Градоначалникот Герасимовски повикува младите родени во 2006, 2007 и 2008 година да ги искористат овие финансиски средства како поддршка за обука и полагање на возачки испит. Оваа мерка е создадена да ги олесни трошоците и да го зголеми нивото на безбедност во сообраќајот. Апликациите се доставуваат во Општина Центар до крајот на 2026 година или до исцрпување на средствата.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика младите во Центар да се пријават за субвенции за обука и полагање за возачка дозвола Б-категорија.

Тој посочи дека интересот за оваа мерка е зголемен и дека субвенциите претставуваат значајна поддршка за младите и нивните семејства.

„Ме радува што годинава имаме зголемен интерес за оваа мерка. Субвенциите не се само олеснување за семејниот буџет, туку и вистински чекор кон поголема безбедност во сообраќајот. Со соодветна обука, младите одговорно и совесно ќе седнат зад воланот“, порача Герасимовски.

Субвенцијата изнесува 10.000 денари, а право на аплицирање имаат лица родени во 2006, 2007 и 2008 година.

Општина Центар од оваа година, како што информираат од таму, воведе и олеснување на постапката, со тоа што субвенциите може да се исплатат и на трансакциската сметка на родителите, наместо како досега само на корисникот.

Правото на субвенција е еднократно, а апликантите треба да достават: барање за субвенција за полагање возачки испит Б-категорија во автошколи на подрачјето на Општина Центар; копија од лична карта; копија од трансакциска сметка; доказ за извршена уплата во автошкола; доказ дека автошколата е регистрирана на подрачјето на Општина Центар.

„За реализација на овој проект, локалната самоуправа за оваа година издвои 2 милиони денари.

Јавниот повик трае до исцрпување на предвидените средства, а најдоцна до 31 декември 2026 година.

Барањата се поднесуваат во архивата на Општина Центар , барака бр. 6, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.

За повеќе информации, граѓаните можат да се обратат на телефонските броеви 02/3203-600 и 02/3203-680.