Јанчев: Народот е повторно подготвен да ги брани Дошница и планината од малите хидроцентрали

Макфакс

12/05/2026

10:57

181

Големина на фонт

а а а

Пратеникот Саше Јанчев го истакна повторното загревање на општествената реакција поради плановите за изградба на мали хидроцентрали на реката Дошница во планинскиот регион Кожуф. Граѓаните, активистите и локалните ентузијасти се решени да ја штитат природата и да спречат оштетување на животната средина. По претходните блокади и протести кои дадоа резултати, јавноста се мобилизира повторно да се спротивстави на овие проекти и да го сочува екосистемот на овој регион.

Пратеникот од Левица, Саше Јанчев, предупреди дека повторно се прават обиди за активирање на проектот за изградба на мали хидроцентрали на реката Дошница на планината Кожуф.

Јанчев, кој присуствуваше на вчерашниот протест и собир во Гевгелија заедно со велосипедисти, планинари, еко-активисти и граѓани, порача дека јавноста нема да дозволи повторно уништување на природните богатства.

Тој потсети дека минатото лето граѓани од целата држава 72 дена ја блокирале планината Кожуф со цел да ја заштитат реката Дошница од изградба на мали хидроцентрали.

„И блокадата беше успешна. Проектот за мали хидроцентрали на Дошница беше успешно блокиран“, наведе Јанчев.

Според него, и покрај минатогодишните протести и бројните укажувања за штетноста и неефикасноста на ваквите проекти, повторно се подготвува терен за реализација на спорниот проект.

„Разумно ќе беше страните кои го буткаат овој проект да се повлечат. Наместо тоа, дознаваме дека се прават планови да се качи тешка машинерија на Кожуф со цел да се почне со работа на малите хидроцентрали“, истакна пратеникот.

Јанчев посочи дека вчерашниот собир во Гевгелија бил јасна порака дека граѓаните внимателно ја следат состојбата и се подготвени повторно да излезат на терен во одбрана на природата.

„Пораката е дека знаеме што се спрема и дека народот е спремен повторно да си ги брани реката и планината“, порача Јанчев.