Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ја изрази цврстата поддршка на Македонија за Украина на состанокот на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца во Брисел. Тој ја посочи неоправданата и неиспровоцираната агресија од Русија која ја загрозува територијалната целост на Украина и ги истакна сериозните последици по цивилите, особено децата. Муцунски нагласи дека за враќање на мирот неопходна е одговорност и дека обновата на Украина треба да оди подалеку од физичката реконструкција на инфраструктурата, односно да вклучи и обновување на човечкиот дух и надеж. Тој апелираше за итно враќање на украинските деца кои се присилно однесени и за почитување на нивните права и безбедност.
Во рамки на работната посета на Брисел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на Состанокот на високо ниво на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца, кој се одржа на маргините на Советот за надворешни работи на Европската Унија.
„Во своето обраќање, министерот Муцунски ја реафирмираше поддршката на државата за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, нагласувајќи дека повеќе од три години Украина се соочува со неиспровоцирана и неоправдана агресија од страна на Руската Федерација, што претставува очигледно кршење на Повелбата на Обединетите нации и на меѓународното право“, соопштија од Министерството.

Министерот посочил дека, покрај геополитичките последици, војната предизвикала огромно човечко страдање, а како најболен симбол на тоа страдање ја издвоил судбината на украинските деца.
„Повикавме на итно враќање на сите украински деца кои биле присилно однесени. Нивната депортација претставува сериозно прекршување на меѓународното право и директна повреда на нивните човекови права, достоинство и безбедност“, истакнал министерот Муцунски.
Воедно, тој нагласил дека, како што агресијата влегува во својата четврта година, сè појасно е дека не може да постои одржлив мир без одговорност.
Осврнувајќи се на идната обнова на Украина, министерот Муцунски посочил дека обновата на една држава не значи само реконструкција на инфраструктурата, туку и обновување на животите, довербата и надежта.
„Историјата нема да нè суди само според изјавите што ги даваме, туку и според човечноста што ја покажуваме. Нашата должност денес е да помогнеме децата на Украина повторно да се чувствуваат безбедно, повторно да веруваат и да ја градат својата иднина во слободна, мирна и суверена Украина“, порачал министерот Муцунски.











