Работната група која се занимава со реформи во изборното законодавство продолжува со активностите, дискутирајќи препораки од ОБСЕ/ОДИХР и насоки од Реформската агенда. Посебно внимание им се посветува на политичкиот дијалог и консензусот меѓу учесниците за да се подобри изборниот процес и да се зголеми довербата во системот. Министерот за правда информираше дека процесот е отворен за дополнителни мислења од релевантни институции и организации, а целта е усогласување со меѓународните демократски стандарди.
Работната група наменета за реформи во изборното законодавство денеска одржа своја четврта седница, продолжувајќи со разгледувањето на предлозите за унапредување на Изборниот законик според препораките од ОБСЕ/ОДИХР и обврските од Реформската агенда, соопшти Министерството за правда.
„Во врска со учеството на СДСМ, беше нагласено дека до Министерството сè уште не пристигнало официјално писмо за повлекување од процесот. Во таа насока, беше изразена надеж дека партијата ќе ја преиспита својата одлука и ќе продолжи да учествува во работата на групата, со цел реформите да се спроведуваат преку широк политички и институционален дијалог, во интерес на демократските процеси и зголемување на довербата во изборниот систем“, се наведува во соопштението.
На седницата беа разгледани препораките што беа усогласени и прифатени по консензус од сите членови на Работната група. Членовите ќе добијат и конечен извештај од ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори во 2025 година, кој содржи насоки за понатамошно унапредување на изборната регулатива и процедурите при спроведување на изборите.
Забележано е дека значаен дел од препораките се повторуваат од претходните изборни циклуси, што укажува на потребата од нивна системска имплементација.
Министерот за правда, Игор Филков, информираше за реализираните средби со ДИК, АВМУ, ДКСК, претставници од граѓанскиот сектор, Државниот завод за ревизија и ОБСЕ/ОДИХР, од каде пристигнаа дополнителни сугестии и препораки, кои ќе бидат разгледани на наредните седници.
„Процесот ќе се одвива инклузивно и преку дијалог меѓу политичките партии, институциите и засегнатите страни, со цел да се обезбедат законски решенија што ќе бидат усогласени со меѓународните стандарди за демократски избори“.











