Дурмиши ја потенцира улогата на регионалната соработка и реформите за развој на пазарот на труд

Макфакс

11/05/2026

17:13

91

Големина на фонт

а а а

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на министерскиот состанок во Берлин ги истакна важноста на регионалната соработка и спроведувањето на реформи за унапредување на пазарот на труд во Северна Македонија и регионот. На средбата беше разговарано за предизвиците како што се дисбалансот помеѓу понудата и побарувачката на работна сила, недостигот на квалификуван кадар и неформалната економија. Дурмиши истакна дека Владата спроведува конкретни мерки, вклучително и обуки и поддршка за самовработување, со цел поттикнување на економската конкурентност и зближуување со европските стандарди. Северна Македонија останува активен партнер во Берлинскиот процес за зајакнување на регионалната соработка и интеграција.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес учествуваше на министерскиот состанок за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес во Берлин, на панелот посветен на "Промоција на вработувањето: Ефикасни стратегии за одржливи и инклузивни пазари на труд".

Во своето обраќање, Дурмиши подвлече дека Северна Македонија останува посветена на спроведување на реформи кои ќе овозможат развој на појак, пофлексибилен и поконкурентен пазар на труд, усогласен со европските стандарди и политики.

Министерот истакна дека меѓу најзначајните предизвици со кои се соочува земјата се дисбалансот меѓу понудата и побарувачката на работна сила, недостигот од квалификувани ресурси, иселувањето на младите и големиот обем на неформална економија.

„Иако има многу активни баратели на работа, компаниите се соочуваат со недостаток на кадар со адекватни вештини. Затоа е потребно подобро усогласување на образовниот систем со барањата на економијата, создавање поквалитетни работни места и трансформација кон економија со поголема додадена вредност“, нагласи Дурмиши.

Министерот информираше дека Владата продолжува со имплементацијата на мерки за вработување преку оперативни планови, со посебен акцент на обуки во реални услови, поддршка на самовработувањето и развојот на претприемништвото.

„Во изминатата година беа доделени повеќе од 2.500 грантови за основање сопствен бизнис, а оваа година мерките за вработување ќе опфатат преку 10.000 невработени, со обезбедени средства од околу 40 милиони евра“, рече министерот.

Дурмиши посочи дека Северна Македонија активно ја спроведува Планот за раст на Европската Унија и реформската агенда, како и иницијативата за Заеднички регионален пазар со цел зајакнување на економската конкурентност, подобрување на бизнис климата и олеснување на мобилноста на работната сила во регионот.

Тој додаде дека земјата ќе продолжи со реформи насочени кон признавање на квалификации и дипломи, олеснување на пристапот до работни дозволи и градење пофлексибилен и интегриран регионален пазар на труд.

„Берлинскиот процес претставува значаен механизам за зајакнување на регионалната соработка и убрзување на европската интеграција на Западен Балкан, при што Северна Македонија останува активен и посветен соработник во овој процес“, подвлече министерот Дурмиши.