Општина Центар објави јавен повик за добивање финансиска поддршка за поправка и реконструкција на покривите и лифтовите во станбени објекти. Градоначалникот Горан Герасимовски истакнува дека оваа иницијатива е насочена кон подобрување на условите за живеење и зголемување на безбедноста за жителите. Право на учество имаат заедници на сопственици на згради постари од 15 години, а рокот за пријави е 30 јуни 2026 година.
Општина Центар го отвори јавниот повик за добивање финансиска поддршка за поправка, обновување и реконструкција на кровните конструкции и лифтовите во станбени згради на нејзина територија.
Градоначалникот Горан Герасимовски истакнува дека оваа иницијатива продолжува со цел да се подобрат условите за живеење и безбедноста за сите жители.
„Заедниците на сопственици во Општина Центар кои имаат потреба од поправка или санација на покриви и лифтови можат да ги пријават своите потреби преку овој повик. Целта е да се обезбеди подобра безбедност, функционалност и квалитет на живот во колективните домувања“, истакна Герасимовски.
Оваа мерка предвидува субвенција од 30% од вкупните трошоци, но не повеќе од 150.000 денари за покриви и до 300.000 денари за лифтови, додека останатите 70% ги покриваат сопствениците.
Право на учество имаат заедници на сопственици или управувачи на станбени згради постари од 15 години, со најмалку 70% населени станови. Потребна е одлука потпишана од најмалку 50% + 1 сопственик и комплетна документација според условите од повикот, вклучувајќи договори, понуди, фотографии и технички извештај.
Апликациите со целосна документација се поднесуваат до 30 јуни 2026 година, или до исцрпување на средствата од општинскиот буџет, и тоа во Архивата на Општина Центар, барака 6, секој работен ден од 9:00 до 15:00, или по пошта.
Дополнителни детали, условите и потребните документи се достапни на официјалната веб-страница на Општина Центар, како и во архивата на општината.







