ЗНМ: Јавните институции мора да обезбедат еднаков пристап за сите медиуми

Макфакс

08/05/2026

21:36

101

Големина на фонт

а а а

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира со осуда поради селективниот пристап на државната компанија МЕПСО при организирањето брифинг за медиуми, на кој не бил поканет медиумот ПорталиХ, иако токму оваа редакција претходно објави серија истражувачки стории поврзани со темите за кои се дискутирало на настанот.

„Сметаме дека ваквата практика претставува сериозно нарушување на принципите на транспарентност, еднаков третман на медиумите и правото на јавноста да биде неселективно информирана.

Недозволиво е јавни институции и државни компании да прават селекција на „подобни“ и „неподобни“ медиуми, особено кога станува збор за редакции што критички известуваат за прашања од јавен интерес.

Брифинзите и комуникацијата со медиумите не смеат да се користат како механизам за фаворизирање или исклучување на одредени редакции.

Институциите имаат обврска да обезбедат еднаков и недискриминаторски пристап за сите медиуми, без оглед на нивната уредувачка политика или критичкиот однос кон носителите на јавни функции.

Бараме одговорност и јавно објаснување од страна на МЕПСО за причините поради кои ПорталиХ не бил поканет на брифингот, како и јасна гаранција дека ваквата пракса нема да се повторува во иднина.

Апелираме дека во демократско општество, транспарентноста не смее да биде селективна, а критичкото новинарство не смее да биде причина за исклучување од јавни настани и комуникација со институциите“, велат од ЗНМ.