Судење за убиството на рок-пејачот Иан Воткинс: Закани и изнуда пред смртта

Макфакс

08/05/2026

20:03

157

Големина на фонт

а а а

На судењето во Лидс беа откриени детали за последните денови на Иан Воткинс, поранешниот пејач на бендот Lostprophets, кој беше убиен во затворот Вејкфилд каде издржуваше казна од 29 години за сексуална злоупотреба на деца.

Затворските чувари сведочеа дека Воткинс бил цел на изнуда бидејќи останатите затвореници знаеле за неговите пари од музичката кариера.

Пред убиството, Воткинс добивал писма со барања за пари. Во едно од нив стоело: „Имаш до сабота да платиш… инаку ќе ти ја разбијам главата. Ова ти е последна шанса“. Уценувачот барал 500 фунти да бидат уплатени на неговата сметка.

Иако чуварите го предупредиле да остане во својата ќелија за време на викендот и побарале зголемени патроли, Воткинс верувал дека ќе биде безбеден.

Обвинетите Рико Гедел (25) и Семјуел Додсворт (44) ја негираат вината. Обвинителството тврди дека Гедел трипати го прободел Воткинс во главата и вратот со импровизиран нож.

Водoинсталатер и друг работник во затворот опишаа како Воткинс излегол од ќелијата „прекриен со крв од вратот надолу“, држејќи се за голема отворена рана на вилицата во состојба на шок.

На суд беа прикажани снимки на кои се гледа како обвинетиот Гедел ја напушта ќелијата на Воткинс во 09:16 часот, по што пејачот излегува со натопена маица со крв и веднаш се повлекува назад.

Воткинс почина во октомври 2023 година од последиците на нападот, а судењето за неговото убиство продолжува.