ВМРО-ДПМНЕ: Дали Деаноски го претвора УПОЗ во клуб за лица блиски до СДС?

Макфакс

31/05/2026

09:50

157

Големина на фонт

а а а

Се поочигледно е политичкото влијание на СДС во синдикалните структури на ССМ. Последен пример за тоа е организацијата на четиридневни спортски игри во Чањ, Црна Гора, зад кои стои членот на претседателството на ССМ и претседател на УПОЗ, Трпе Деаноски, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„За организација на настанот биле потрошени 60.000 евра.

Разочарани членови тврдат дека предност при изборот имале лица блиски до СДС. Наместо еднакви можности за сите привилегиите биле резервирани за однапред избрани луѓе.

Дали ваквите скапи патувања се приоритет на раководството на ССМ?

Раководството на ССМ се оддалечува од реалните проблеми на работниците и се претвора во групација која функционира по политички и партиски линии.

Синдикатите треба да ги застапуваат интересите на сите работници, а не да бидат место каде привилегиите и бенефитите зависат од политичка блискост.

ССМ постојано губи членови, а членовите на претседателството ќе го претворат ССМ во политичка каста блиска до СДС“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера на социјалните мрежи реагираше претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

„На настанот во Црна Гора се одржаа синдикални спортски игри, 31-ви по ред што ги организира Синдикатот на УПОЗ, кои од сопствен џеб ги плаќаат учесниците. Игри на работниците, платени од работниците, за работниците. Ништо тајно, ништо луксузно, ништо скриено. Ама ете, кога синдикатот ќе стане премногу гласен за правата на работниците, за минимална плата, за живот што станува сè поскап, е тогаш одеднаш „луксуз“ стануваат дури и спортските игри. Интересно? Кога работниците плаќаат за своите игри одеднаш проблем. Кога работниците плаќаат за политичарите тогаш е добро. Тоа е разликата. И уште еднаш, народски кажано. Кога некој зборува од позиција на имунитет, лесно е да се лаже и измислува. Синдикатот на УПОЗ ќе продолжи да се бори за достоинствени плати, за чесни услови, за работникот да не биде последен во сопствената држава. А кој се плаши од таа борба, нека објаснува што сака. Работниците многу добро знаат кој е со нив“, напиша тој на ФБ.