Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) е подготвен да дијагностицира пациенти заразени со хантавирусот кој е откриен на крузерот во Јужен Атлантик, иако засега нема таква опасност за македонските граѓани, уверува директорката Марија Андоновска. Таа вели дека во овој момент кај нас нема простор за каква било паника бидејќи не постои опасност ниту пак ризик за ширење на вирусот.
„ИЈЗ е подготвен со протоколи доколку има потреба од каква било реакција, а воедно ги поседува потребните реагенси, опрема, кадар и методологија за дијагностика доколку се појави потреба. Да потенцирам дека граѓаните во овој момент можат да бидат спокојни бидејќи исто така сме информирани од Светската здравствена организација дека на бродот не постои македонски државјанин ниту како патник ниту како член на екипажот, што е доста значајно за нас“, рече директорката Андоновска.
Секторот за епидемиологија во Институтот за јавно здравје е во постојана комуникација со Светстаката здравствена организација и со Европскиот центар за контрола на болести. Андоновкса вели дека на дневна основа ги добиваат сите податоци потребни за преземање активности, доколку има потреба.
Директорката Андоновска потсети дека хантавирусот не е нов и дека има два типа, европско-азиски и американски кој е откриен на крузерот.
„Европско-азискиот се дијагностицира во Македонија од 2015 година. Досега сме имале 32 случаи од кои тројца се починати. Овој што сме го имале во Македонија се пренесува само од глодар на човек, не се пренесува од човек на човек и симптоматологијата му е различна од оној кој во моментот е детектиран на крузерот. Вирусот што е откриен сега на крузерот не сме го регистрирале кај нас досега“, рече директорката Андоновска.
Иако не е регистриран американскиот тип на вирусот кај нас, Андоновска препорача граѓаните посебно да внимаваат на хигиената, да одржуваат високо ниво и да избегнуваат храна која стоела во магацини и на пазари, семки, сончогледи и конзерви кои би можеле да бидат загадени од глодари. Таа препорача општините соодветно да ја спроведат задолжителната дератизација која се прави двапати годишно.











