Иран има значајни ракетни капацитети, може да издржи санкции неколку месеци, според анализите

Макфакс

07/05/2026

19:49

167

Големина на фонт

а а а

И покрај неколку недели американски и израелски напади, Иран сè уште има значајни балистички ракетни капацитети и способност да издржи економски притисок најмалку три до четири месеци, според анализа на американското разузнавање доставена до Белата куќа, до која денес имаше пристап „Вашингтон пост“.

Еден американски функционер изјави дека проценките покажуваат дека способноста на Иран за долгорочен економски отпор е значително поголема од претходно проценетата од Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА).

Исто така, се наведува дека Иран сè уште има околу 75 проценти од мобилните системи за лансирање и околу 70 проценти од својот ракетен арсенал во споредба со периодот пред конфликтот.

Според истите изјави, постојат индикации дека Техеран успеал да ги обнови и повторно да ги отвори поголемиот дел од подземните складишта, да поправи дел од оштетените ракети, како и да состави нови ракети кои биле во последната фаза на производство, пренесува Танјуг.

Американските претставници, исто така, оценуваат дека иранското раководство станало порадикално и решително, со растечко верување дека може да издржи политички притисок од Соединетите Американски Држави.