ЗНАМ до СДСМ: Дали имало тајна средба за враќање на Груевски и требал ли да формира нова партија во политички договор

Макфакс

07/05/2026

13:53

207

Големина на фонт

а а а

На денешната прес-конференција, пратеникот од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Даниел Стојчевски, упати остри критики кон СДСМ, обвинувајќи ја партијата дека зборува за правда и враќање на поранешниот премиер Никола Груевски, иако, како што рече, токму тој бил „пуштен да избега од одговорност“.

Стојчевски оцени дека реториката на СДСМ и на Венко Филипче претставува обид за „бришење на колективното паметење“ и наметнување на „удобна вистина“, нагласувајќи дека ЗНАМ нема да дозволи злоупотреба на правдата за дневнополитички цели.

Тој постави низа прашања до СДСМ, меѓу кои и дали е точно дека во периодот пред парламентарните избори во 2024 година се одржала средба во вилата на Водно, на која се разговарало за можноста за враќање на Груевски во земјата во замена за амнестија.

Исто така, праша дали Венко Филипче, како што наведе, има информации за тие наводни договори, и дали за тоа знаат и поранешни функционери како Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски, како и поранешните коалициски партнери на СДСМ – Али Ахмети, Артан Груби и Бујар Османи.

Стојчевски го спомена и поранешниот претседател Стево Пендаровски, прашувајќи дали тој има сознанија за овие процеси.

Во обвинувањата, тој праша и дали од Будимпешта до Бихаќка бил испратен УСБ-уред со измени на Кривичниот законик, конкретно член 353, со кои, според него, се овозможила амнестија за одредени кривични дела.

Дополнително, Стојчевски праша дали било точно дека постоел план Груевски да формира нова политичка партија во замена за амнестија и одземање гласови од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој оцени дека СДСМ функционира со „повеќе центри на влијание“ и дека граѓаните имаат право да ја знаат вистината, обвинувајќи ја партијата за политичко лицемерие и поткопување на правната држава.

Од ЗНАМ порачаа дека се залагаат за еднаква правда за сите и дека секој кој се огрешил пред законот, без разлика на политичка припадност, мора да одговара пред институциите.

На крајот од прес-конференцијата, запрашан за шпекулациите дека ќе ја напушти пратеничката група, Стојчевски ги отфрли таквите тврдења, велејќи дека останува дел од ЗНАМ и дека ќе продолжи да делува во рамките на партијата.