Лимани: Демографските предизвици не познаваат граници и не можат да се решаваат изолирано – потребна ни е заедничка акција

Макфакс

07/05/2026

12:55

113

Големина на фонт

а а а

Демографските предизвици не познаваат граници и не можат да се решаваат изолирано – потребна ни е заедничка акција, изјави министерот за социјална политика, демографија и млади,Фатмир Лимани, на Втората регионална министерска конференција за демографска отпорност што се одржува во Скопје.

Тој кажа дека регионот и голем дел од Европа, особено Источна Европа, се соочуваат со сериозни демографски предизвици, низок фертилитет, миграција и забрзано стареење на населението.

Во некои земји, рече Лимани, населението е намалено за една третина од 90-тите наваму, со директни последици врз пазарот на труд, здравствените и пензиските системи и економската конкурентност.

„Во исто време, контрастите на евро-азискиот простор стануваат сè по-изразени. Додека Европа се соочува со недостиг на работна сила поради стареењето, Централна Азија има предизвик, како да ја искористи брзо-растечката млада популација, која во следните 25 години ќе се зголеми за 20 милион работоспособни луѓе. Овие различни реалности бараат долгорочни и храбри политики насочени кон луѓето, засновани на докази, човекови права и регионална соработка. Наша задача е да го промениме наративот: од демографска анксиозност кон демографска отпорност. Концептот на демографска отпорност станува сè поважен. Таа значи способност на општествата да ги препознаат, прилагодат и да управуваат со демографските промени, преку политики што ги ставаат луѓето и нивните права во центарот“, рече Лимани.

Тој кажа дека визија на Министерството насочена кон градење општество што инвестира во човечкиот капитал.

„Посветени сме на поддршка на семејствата, унапредување на заштитата на децата, развој на социјални услуги, и во еднаквите можности за сите. Иселувањето, особено на младите, е клучен демографски предизвик, затоа миграциските и повратните политики се важен дел од нашата стратегија за демографска отпорност. Програмата на Владата 2024–2028 ги става младите во фокус преку образование, развој на вештини, учество во одлучувањето, поддршка на претприемништвото и иновациите. Со поддршка на УНФПА, ја финализираме Националната стратегија за демографски развој и отпорност, усогласена со Националната Развојна Стратегија 2023–2042 и Рамката за соработка со Обединетите нации 2026–2030“, рече Лимани.

Во моментов се одвиваат јавни консултации со сите релевантни чинители, по што стратегијата ќе биде доставена на усвојување од Владата и Собранието.

Лимани појасни дека стратегијата обезбедува мулти-секторски пристап кон демографската иднина, со фокус на инвестирање во човечкиот капитал, зајакнување на семејствата и младите, социјална инклузија и политики за циркуларна миграција, мобилност и улогата на дијаспората во градење долгорочна демографска отпорност.

Паралелно, се работи и на нов системски закон за управување со миграции и ре-интеграција на повратници, како и на модернизација и дигитализација на услугите, со цел нашите граѓани без разлика дали живеат во земјата или во странство да имаат полесен пристап до своите права и услуги.