Крузерот на кој се прошири хантавирусот се упати кон Тенерифе

Макфакс

07/05/2026

11:58

121

Големина на фонт

а а а

Бродот „Хондиус“, чии патници и екипаж се во изолација поради ширењето на хантавирусот, денес плови кон шпанскиот остров Тенерифе.

Се очекува бродот да пристигне на Канарските Острови во сабота, а евакуацијата на патниците е планирана за почетокот на следната недела. Според податоците од станицата за следење на поморскиот сообраќај, бродот го напуштил Капо Верде во четврток.

„Сите патници ќе останат на бродот до пристигнувањето на авионот за репатријација“, соопшти шпанското Министерство за внатрешни работи. Бродот треба да се закотви во пристаништето Гранадиља на Тенерифе, и покрај противењето на локалните власти.

„Ќе се воспостави заеднички систем за проценка на здравјето и евакуација за враќање на сите патници во нивните матични земји, освен ако нивната здравствена состојба не го дозволува тоа“, објави шпанската министерка за здравство Моника Гарсија Гомез.

Земјите-членки на ЕУ се должни да се грижат за своите граѓани, со можна помош од Европската комисија, а подготовките за евакуација на патниците надвор од Европа сè уште се во тек, пренесува Франс Прес.

Тројца дополнителни здравствени работници се донесени на бродот, кој превезува граѓани од 23 различни земји. Според Светската здравствена организација (СЗО) и „Оушнвајд“, три лица – двајца болни членови на екипажот и еден близок контакт – се евакуирани од бродот и пренесени со авион од градот Праја во Капо Верде. Пациентите ќе бидат лекувани во болници во Холандија, Германија и Шпанија.

Три лица починаа откако започна крстарењето, кое отплови од Ушуаја, Аргентина, до Капо Верде.

Еден маж е хоспитализиран во Јоханесбург, друг во Цирих, а три сомнителни случаи се евакуирани во Европа. Швајцарското министерство за здравство соопшти дека државјанинот се вратил од Света Елена, каде што бродот бил закотвен помеѓу 22 и 24 април. СЗО верува дека првите случаи се заразени од бродот, а потоа се случило пренесување од човек на човек.