Информатичката индустрија во Македонија продолжува да ги поместува границите – не само на домашниот пазар, туку и на извозниот фронт. Создава работни места, носи девизни приливи и ги позиционира македонските компании на глобалната мапа на услуги и иновации. Сепак, повеќе не се работи за експанзивен, туку за раст и развој со умерено темпо, од каде што и понатаму се генерираат високи резултати.
Повеќе од половина милијарда евра, поточно 524 милиони е вкупниот приход што лани го оствариле 1.328 компании од дејноста компјутерско програмирање. Тоа е за 7,3 насто повеќе споредено со 2024 година. Растот на добивката е нешто понизок, односно речиси 4,1 насто, а износот е 48,4 милиони евра.
Освен тоа, овој сектор е еден од главните адути на нашата економија. Минатата година, според податоците од Народната банка, информатичкиот сектор остварил извоз од 676 милиони евра, со доминантен удел на компјутерските услуги од речиси 600 милиони евра и генериран суфицит од 438 милиони евра, пишува ПАРИ.

На овој простор, и покрај илјадниците фирми, забележлив е висок степен на концентрација на бизнисот кај петнаесетина компании, чиешто работење го анализира Пари. Податоците се од Бизнис Мрежа. Општите бројки покажуваат дека десетте најдоходовни учествуваат со 39,77 насто во вкупниот приход, а десетте најпрофитабилни со 38,64 насто во вкупната добивка.
Во топ 10-те, 3 компании прават 56 насто од приходот, а само Авенга повеќе од третина
Со реализација од 73,1 милион евра на приходната страна, Авенга е убедливо најголемата и најуспешна компанија. Зафаќа 13,95 насто од вкупниот приход на целиот сектор и 35,1 насто од приливите на топ 10-те информатички компании. Се работи за меѓународна информатичка групација формирана со спојување на европски и американски компании, која последователно се проширува преку низа аквизиции. Во рамките на глобалната мрежа македонското друштво функционира како локален развоен центар.
Заедно со Алокејт софтвер (22,7 милиони евра) и Нетцетера (21,8 милиони евра), првите три компании заедно остваруваат 117,6 милиони евра. Тоа е 22,45 насто од вкупниот пазар и 56,4 насто од приходите на првата десетка.
Седум од нив лани биле поефикасни и оствариле раст на приходите. Меѓу нив, со скокот од близу 204 насто, се издвојува АСЕЕ БСС, кој по само една година од основањето (2024) го зголемил приходот од 4,1 милион на 12,4 милиони евра. Станува збор за новата ќерка компанија на регионалниот информатички гигант ASEE, специјализирана за банкарски софтвер и платежни решенија. Високи стапки се запишани и во приходните ставки на Валтек (+ 66,06 %) и на Алокејт софтвер (+ 26,76 %).
Меѓу трите, пак, што на крајот од 2025 година бележат пониски приливи се скопските АСЕЕ (– 23,97 %) и Ендава (– 17,94 %), како и Интерворкс од Битола (– 4,24 %).
Без оглед на негативните движења, заедничкиот приход на овие десет компании е зголемен за околу 12,5 насто – од 185,3 милиони во 2024 година, на 208,4 милиони евра во 2025 година.

Остатокот од текстот прочитајте го на www.pari.com.mk














