Министерството за социјална политика, демографија и млади и УНИЦЕФ денеска одржаа дискусија на високо ниво насловена како „Инвестирање во децата – унапредување на човечкиот капитал, вработувањето на жените и инклузивниот раст“, изложувајќи нови докази кои покажуваат дека со реформирање на паричната помош за семејствата со деца, детската сиромаштија во Северна Македонија би можела да се намали за до 6 процентни поени.
На настанот присуствуваа високи владини функционери, пратеници, претставници на академската заедница, граѓанскиот сектор и меѓународните партнери за да разгледаат опции на политики со кои не само што ќе се реши сиромаштијата, туку и ќе се зајакне демографската отпорност, ќе се поддржи вработеноста на жените и ќе се унапреди долгорочниот економски раст.
„И покрај реформите во социјалната заштита, скоро една третина од децата во Северна Македонија – околу 120.000 деца – остануваат во ризик од сиромаштија, стапка што е значително повисока од националниот просек. Ризикот од сиромаштија е особено висок кај децата што растат во големи семејства, во домаќинства со еден родител и во ромски заедници, при што речиси секое второ дете живее под прагот на сиромаштија“, соопшти Министерството.
„Денес сме во фаза кога е потребен следниот, похрабар исчекор. Клучната поента е јасна: Потребна е нова генерација реформи на детските додатоци со подобар опфат, поадекватна поддршка, ориентација кон детето но и подобро поврзување на социјалната заштита со пазарот на труд. Затоа денешната анализа ја гледаме како основа за суштинска реформа. Еден од моделите што се разгледуваат е воведување универзален додаток за секое дете, со докажани ефекти врз намалување на сиромаштијата и подобрување на состојбите на пазарот на труд. Паралелно, се разгледува и проширување на опфатот и висината на постојните детски додатоци. Нашата цел е јасна: да воспоставиме по инклузивен, поефикасен систем на детски парични додатоци, ориентиран кон најдобрите интереси на детето, кој истовремено ќе создава поттик, а не пречка, за формално вработување“, рече Фатмир Лимани, министер за социјална политика, демографија и млади.
Учесниците истакнаа дека детската сиромаштија не се однесува само на ограничен приход; таа ги засега и исхраната, здравствената заштита, образованието и вкупниот развој на децата. Ваквите предизвици може да доведат до понизок образовен успех и полоши економски перспективи подоцна во животот, создавајќи меѓугенерациски циклус на сиромаштија. Исто така, високите стапки на сиромаштија може да ја ослабнат демографската отпорност, бидејќи семејствата може да го одложат или да го избегнат раѓањето деца, жените може да бидат оттурнати од пазарот на трудот, а младите може да мигрираат на друго место за подобри можности.
„Демографската отпорност значи создавање услови во кои семејствата имаат можност да подигаат деца со сигурност, достоинство и верба во иднината. Сигурните и предвидливи детски додатоци се клучен дел од решението, помагајќи им на семејствата да се справат со економските притисоци, да ја спречат сиромаштијата и да ги заштитат вложувањата во растот и развојот на децата – темел на идната работна сила во земјата и на долгорочниот човечки капитал“, рече Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија.
Презентираната анализа нуди две опции за реформа засновани на докази: (1) Универзален детски додаток, кој би обезбедил основна финансиска поддршка за сите деца, со дополнителен надомест за оние што живеат во сиромаштија, во поголеми семејства, или деца кои се вклучени во образование; и (2) зајакнат пристап врз основа на проверка на приходите, со кој ќе се зголемат бенефициите, ќе се прошири можноста за квалификување и ќе се укинат ограничувањата за максималниот број деца што ќе се поддржат во едно домаќинство. И двете опции покажуваат потенцијал за намалување на детската сиромаштија за до 6 процентни поени, во рамките на разумни фискални импликации.
На панел-дискусиите се истражуваше на кој начин подобрата осмисленост на детскиот додаток може да обезбеди фер почеток за секое дете и истовремено да го поддржи активирањето на жените на пазарот на трудот. Говорниците нагласија дека предвидливата и стабилна поддршка на приходите е особено важна во раното детство и при клучните животни транзиции, и дека социјалната заштита треба да го поддржува, а не да го казнува, влегувањето во формално вработување.















