Нови 2,3 милијарди евра долг за две години, пропаднаа сите лаги на Мицкоски, вели Филипче

Макфакс

05/05/2026

16:32

157

Големина на фонт

а а а

Лагата дека владата се задолжила само за да враќа стари долгови е демонтирана со најновиот податок од Министерството за финансии. Вистината е дека само за овие две години расипничко владеење, Мицкоски акумулирал нов долг од цели 2,3 милијарди евра, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.

Филипче посочи дека според официјалните податоци само во првиот квартал покажуваат дека Мицкоски има креирано екстра нов долг од 700 милиони евра.

„Според официјален податок од 30.04.2026 година на Министерството за финансии, покажува дека само во првиот квартал Мицкоски има креирано екстра нов долг од 700 милиони евра. На крајот на март, вкупниот долг изнесува 10,7 милијарди евра. Лагата дека оваа влада се задолжила само за да враќа стари долгови е практично демонтирана со овој податок. Бидејќи ако е тоа така, односно ако се задолжуваат само за да враќа стари долгови, тогаш вкупниот јавен долг би се намалил или би останал ист“, рече Филипче.

Тој додаде дека во изминатите две години, владата на ВМРО, според нето пресметките, има создадено значителен нов долг.

„Вистината е дека само за овие две години расипничко владеење, јавниот долг во нето износ или по враќањето на доспеаните стари кредити, Мицкоски акумулирал нов долг од цели 2 милијарди и 300 милиони евра. Тој го почна мандатот со наследен долг од 8,4 милијарди евра, а на крајот на март тоа е 10,7 милијарди евра. Значи, Христијан Мицкоски, како премиер, го зголемил долгот за 26% за само две години владеење“, рече Филипче.

Притоа, Филипче предупреди дека со вакво темпо на задолжување и менаџирање на централниот буџет, ризиците се зголемуваат и банкротот е сè пореален.

„Министерката за финансии која предвидува крах на европските економии, треба да му соопшти на својот шеф дека банкротот тропа на нашата врата. Лажната бројка дека овој долг е под 60%, тоа е некаков замислен бруто-домашен производ, е само манипулација. Сите тие кои што се во оваа сфера, професионалци и експерти оперираат со процент од 63%. И што е пострашно, во овој долг, досега, што го соопштив, не влегуваат новите кредити од скоро 200 милиони евра за ЈПДП и за ЕЛЕМ“, рече Филипче.