Стоматолошката комора по кривичната пријава: Најостро осудуваме незаконско постапување, целосно соработуваме со институциите

Макфакс

05/05/2026

10:49

173

Големина на фонт

а а а

Стоматолошката комора на Македонија изрази сериозна загриженост поради кривичната пријава што Управата за финансиска полиција ја поднесе до Основното јавно обвинителство Скопје против поранешен претседател на Комората, како и против претседателот и членови на Комисијата за стручни стоматолошки прашања.

Во соопштението, Комората наведува дека пријавата се однесува на сомнежи за злоупотреба на службена положба и овластување, нагласувајќи дека најостро ги осудува сите форми на незаконско и неетичко постапување.

„Почитувањето на законите, професионалниот интегритет и етичките стандарди се темел на нашето работење и на довербата во стоматолошката професија“, велат од Стоматолошката комора.

Оттаму посочуваат дека актуелното раководство целосно соработува со надлежните институции со цел целосно расчистување на случајот и утврдување одговорност, а паралелно веќе се преземаат мерки за зајакнување на внатрешните контроли, зголемување на транспарентноста и унапредување на процедурите поврзани со лиценцирањето и континуираната едукација.

Комората додава дека случајот не ја одразува работата на илјадниците стоматолози кои, како што наведуваат, професионално и совесно ја извршуваат својата дејност.

Претходно, Финансиската полиција соопшти дека поднела кривична пријава против поранешен претседател на Стоматолошката комора и уште пет лица поради сомневање за злоупотреби при издавање, обновување, продолжување и одземање лиценци за работа на доктори по стоматологија.

Според наводите на Финансиската полиција, со спорните дејствија била остварена имотна корист за повеќе друштва во износ од околу 515 илјади евра.