Директорот на Судска медицина: Во пожарот во „Пулс” температурата дошла до 700 степени – тоа е температура приближно за крематориум

A1ON.MK

04/05/2026

17:08

507

Големина на фонт

а а а

Карактеристиките на пожарот во дискотеката „Пулс“ се исти како и при многу други пожари во затворен простор – доминантно влијание има јаглероден моноксид, меѓутоа има и дополнителни фактори како чадот, жешкиот воздух, пренатрупаност, односно стампедо што се јавува при настапување на смртен исход, изјави директорот на Институтот за судска медицина Александар Станков, на денешното судење за пожарот на 16 март 2025 во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.

Од медицинската документација, како што рече вештото лице, повредите кај повредените во пожарот може да се групираат на: Изгореници – од прв, втор и трет степен, најчесто кај главата, врат, граден кош, горни екстремитети и грбот; и Инхалаторни повреди – повреди во вид на термичко оштетување на дишните патишта и механички повреди изразени во вид на скршеници и набивање.

Термичките повреди, појасни вештакот, настанале заради изложеност на висока температура, било да е од жешкиот воздух или да е од капењето на материјалот што горел.

Инхалационите повреди, како што рече, се заради вдишување токсични гасови, додека термичките повреди се настанати од вдишување жежок воздух.

Механички повреди, појасни Станков, се од притисок при паѓање, односно борбата да се излезе надвор или од извлекувањето.

- Останувам во целост на секој документ што е издаден од Институтот а врз основа на наредба од Обвинителството, а е поврзан со настанот на 16 март 2025 година – нагласи Станков.


Во однос на амбиенталните услови, вештакот рече дека амбиенталните услови сигурно влијаеле, посочувајќи дека „не збориме само за јаглероден моноксид, туку и жежок воздух, чад, водороден цијанид, се“.

- Градежно вештачење не можам да коментирам, но ако видам дека таму е дадено 700 степени температура. Тоа е температура приближно за крематориум, одговори Станков.

Кога го кажа ова, пола од родителите во судницата излегоа надвор, другите пуштаа тешки воздишки и тивко плачеа…. изјави вештакот.

На вкрстено прашање од одбраната за водородниот цијанид, вештакот изјави дека “цијанидот таму каде што е најден имал влијание како дополнителен, не како доминантен фактор за смрт”.

Прашан дали е точно и дека количина до 0.6 микрограми на милилитар водороден цијанид е вообичаено за пушачи и лица кои живеат во позагадена средина, вештакот рече да, точно е тоа.

Прашан дали алкохолот и психотропните супстанции влијаеле на способноста за расудување и евакуација, вештакот посочи дека тоа „не може да биде независно од количината, затоа е законски 0.5“.


- Теоретски алкохолот не можам да го отфрлам дека влијае на расудување, но тука имаме многу повеќе фактори. Ако е чад – каде да одам, ако е жежок воздух и ме притиснале луѓе…, рече вештакот.

Прашан, од каде водороден цијанид во „Пулс“, вештакот рече дека теоретски она што се става како звучна изолација може да доведе до ослободување на водороден цијанид, но во конкретниот случај што довело „тоа ќе ви објаснат другите вешти лица“.

Судењето продолжува на 6 мај со изведување на материјални докази, предложени од Обвинителството.


Семејствата на загинатите, во изјава за медиумите, по завршувањето на денешното рочиште изнесоа реакција на објави во одредени медиуми од доказните материјали со конкретни имиња на жртвите.

- Ова не е новинарство, ова е злоупотреба на туѓа трагедија. На 16 март 2025 се случи една од најтешките трагедии во поновата историја на Македонија. Во тој пожар во затворен простор над 600 луѓе се бореа со огнот што енормно се ширеше, се бореа за излез, за здив, се бореа за живот. Дека 63 од нив никогаш сами не се вратија, ни ги вратија во ковчези. Зад тие бројки не стојат статистики, туку имиња, лица, соништа, животи, изјави Маја Крстеска Коларов.

Таа повика на барем малку почит и човечност кон жртвите и семејствата.

- Ова не е тема за сензација, ова не е простор за шпекулации. Ова не е приказна за лајкови, ова е болка што не поминува. Ова е вистина што не смее да се извртува – порача Крстеска Коларов.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.