Чупиќ: Можеби некој мисли дека сум будала, но јас верувам во чудо!

Дерби

04/05/2026

16:58

154

Големина на фонт

а а а

Иван Чупиќ им се обрати на македонските новинари во пресрет на реванш дуелот со Монпелје во четвртфиналето во Европската лига на ЕХФ, рунда во која македонскиот претставник ќе брка чудо во „Јане Сандански“.

Вардар загуби со 33:23 на гостувањето во Франција и ќе брка десет голови негатива на домашен терен, па иако ова на прв поглед изгледа како невозможна мисија, тренерот на Вардар вели дека верува во чудо.

– Прво сакам да зборувам за првиот натпревар кој го одигравме таму. Во првото полувреме бевме дисциплинирани, знаевме дека секој гол е важен и за првпат оваа сезона игравме на резултат. Во вториот дел отворивме со 5:0 и се тргна наопаку. Мечот се сврте на нивна страна, тие со своето искуство и квалитет направија голема разлика.

– Генерално гледано, сметам дека одигравме солиден меч. Но солиден меч против тим како Монпелје може да ви донесе пораз од 5, 10 или 15 разлика. На крајот мечот заврши со највисоки десет негатива и мора да бркаме таков резултат. Ние го анализиравме натпреварот, се подготвивме и цел тим има менталитет дека се може да се случи. Знаеме колку е тешко да се игра во оваа сала за ривалите, тешко е на било кој тим во полна „Јане Сандански“.

– Мора да се прикажеме во подобро светло, можно е да се одигра соврешен натпревар и верувам во тоа. Може после натпреварот ќе ми кажете дека сум будала со давање вакви изјави, ќе ми кажете дека верувам во нешто невозможно, но никој не ни брани да веруваме и да сонуваме. Во оваа сала се е можно, ги замолувам сите кои ги сакаат Вардар, да дојдат и да ја наполнат салата. Моите играчи ветуваат борба, мислам дека заслужуваме поддршка. Ако сите веруваме во чудо, на еден соврешен натпревар, може и да дојде до такво нешто. Утре ќе видиме дали сме блиску до тоа, или далеку, – изјави Чупиќ.