Потценетиот Киву испиша историја во Италија

Макфакс

04/05/2026

14:23

215

Големина на фонт

а а а

Интер, синоќа ја победи Парма со 2:0 и математички стана шампион на Италија по 21-ви пат, три кола пред крајот на Серија А.

Мината есен не делуваше дека Интер ќе ја освои титулата, тимот не можеше да победи ниту едно италијанско дерби, а во февруари Интер доживеа елиминација од аутсајдерот Бодо/Глимт во осминафиналето на Лигата на шампионите.

Новиот тренер Кристијан Киву цело време беше под огромен притисок, многумина мислеа дека не може да го замени Симоне Инзаги на вистински начин, но тој работеше мирно, убеден дека го води најдобриот тим во земјата и на крајот ја постигна својата цел, ги „купи“ навивачите, а ќе има шанса да донесе уште еден трофеј во Милано, бидејќи „нероазурите“ го чекаат финалето на Купот на Италија против Лацио.

Со освојувањето на Скудетото во својата прва сезона во Интер, романскиот стручњак ја испиша историјата на италијанскиот фудбал.

Имено, тој сега е единствениот човек кој беше шампион на Италија како играч (три пати со Интер), како тренер на младинскиот тим на Интер и конечно како тренер на првиот тим.

„Сезоната е маратон. Имаше неуспеси, но секогаш успевавме да се вратиме. Мислам дека во јануари и февруари имавме 14 победи во 15 натпревари, и тогаш сфативме дека можеме да одиме до крај“, рече Киву на вечерта на прославата на титулата.