Скопје на 7 и 8 мај 2026 година ќе биде регионален центар на дискусиите за една од најголемите современи предизвици – демографските промени.
Министерството за социјална политика, демографија и млади на Северна Македонија, во партнерство со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), ја организира Регионалната министерска конференција за справување со демографските промени и градење отпорност.
Настанот се одржува под покровителство на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, и ќе обедини министри, високи владини претставници, меѓународни експерти од над 30 земји , како и претставници на ООН, Совет на Европа, Европска банка за обнова и развој и други меѓународни организации.
Централниот фокус на конференцијата е развивање заеднички одговори на длабоките демографски трансформации кои го обликуваат регионот на Источна Европа и Централна Азија.
Демографските трендови, како што се: ниска стапка на наталитет, миграции и забрзано стареење на населението, веќе имаат значително влијание врз економиите, пазарите на труд и системите за социјална заштита. Во делови од Источна Европа, бројот на населението е намален за над една третина од 1990-тите, додека целиот регион се соочува со најбрзо опаѓање на населението во светот.
Истовремено, Централна Азија бележи раст на населението и значителен потенцијал за демографска дивиденда, со проекции за зголемување на работоспособното население од 50 на 71 милион до 2050 година.
Конференцијата има за цел да ја насочи регионалната дебата од „демографска загриженост“ кон „демографска отпорност“ – преку политики базирани на докази и човекови права, кои ги зајакнуваат луѓето и ги прават општествата поприлагодливи и поинклузивни.
Учесниците ќе работат на дефинирање на заеднички патоказ за политики што ќе овозможи градење одржливи економии и општества, подготвени да одговорат на демографските промени и да го искористат својот најголем потенцијал – луѓето.











