Вистински спортски подвиг бил виден на мини-маратонот во рамките на „Indianapolis 500 Festival“, каде што 11-годишниот Бен Дик ги воодушевил сите присутни со фантастичен резултат.
Неговиот татко, Бред Дик, останал во неверување кога на целта го слушнал времето што го постигнал неговиот син.
„Тоа е светски рекорд за неговата возрасна група“, рекол Бред, откако Бен му јавил дека полумаратонот го завршил за околу еден час и 20 минути.
За време на трката, младиот Бен се одвоил од татка си веќе околу 11-тиот километар.
„Трчавме со добро темпо, а потоа тој само тргна. Сигурен сум дека беше под тоа време. Јас завршив околу 40 секунди зад планираното темпо, но тој веќе имаше голема предност“, признал Бред, кој низ целта поминал со време од 1:24:47.

Официјалното време на младиот тркач изнесувало импресивни 1:20:14, со што, неофицијално, станал најбрзиот 11-годишник кој некогаш завршил полумаратон.
За споредба, претходно оваа година Леонел Мендоза, исто така 11-годишник од Хјустон, истрчал полумаратон за 1:23, што дотогаш бил најдобриот резултат во таа возрасна категорија.
„Трчаше со темпо под шест минути по милја, знаевме дека вакво нешто е можно“, изјавил гордиот татко.
И самиот Бен бил свесен за својот потенцијал.
„Се чувствувам одлично. Знаев дека ќе дојде овој ден“, рекол тој по трката.
Победник на трката е Џејмс Квотлбаум со време од 1:02:27, додека Бен во вкупниот пласман го освоил одличното 185. место меѓу дури 22.301 учесник што ја завршиле трката.
Овој резултат на младиот Американец веќе го привлекува вниманието на спортската јавност и би можел да биде најава за голема атлетска кариера.









